По повод 1 Мај – Денот на трудот, Мицкоски упати и честитка до работниците велејќи дека трудот е темелот врз кој се гради секоја силна држава

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во изминатата година државата бележи позитивни трендови во вработувањето. Според него, официјалните податоци потврдуваат дека бројот на вработени е зголемен за повеќе од 15 илјади лица, додека бројот на невработени е намален за над 10 илјади.
Одговарајќи на новинарско прашање за владината поддршка кон економијата и работниците, премиерот потсети на финансиските проекти што помогнале во зачувување на работните места.
„Владата субвенционираше околу 250 милиони евра заем во услови на најголема криза за стопанството. Кога на тие средства ќе се додадат уште толку од комерцијалните банки, се доведовме во состојба да сме држава со најниска каматна стапка која стопанството ја користи во заемите и во развивањето на своите бизниси“,
истакна Мицкоски кој присуствуваше на поставување камен-темелник на изградба на катна гаража, позади Градскиот пазар во Охрид.
Премиерот посочи и на социјалниот дијалог, нагласувајќи дека Владата успешно ги регулирала односите со најголемиот дел од вработените во јавниот сектор.
Односите, како што рече, се дефинирани преку колективни договори во здравството, образованието, администрацијата, полицијата и одбраната.
„Со 95 отсто, би рекол можеби и некој процент повеќе од нашите колеги ги имаме регулирано односите до крајот на мандатот на оваа Влада, а тоа е 2028 година“,
рече тој.
По повод 1 Мај – Денот на трудот, Мицкоски упати и честитка до работниците велејќи дека трудот е темелот врз кој се гради секоја силна држава.
„Нема напредок без работа. Нема стабилност без создавање вредност. Нема иднина без луѓе што вложуваат, градат и веруваат. Денес им оддаваме признание на сите што секојдневно придонесуваат со знаење, со труд и со посветеност. Нашата обврска е јасна: повеќе можности, подобри услови и фер правила за сите што работат и создаваат“,
вели премиерот во објавата на Фејсбук.
Денеска под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“ се одржа првомајскиот протест кој започна од зградата на ССМ во центарот на Скопје, продолжи пред Собранието и Стопанската комора и заврши пред Владата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, рече дека 260 000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе се присутни на денешниот протест. Причина, според него, е што многу работници, и покрај тоа што не се задоволни од своите плати, се плашат да се придружат на протестите бидејќи сметаат дека тие се насочени против некого.
