Многу работници, според претседателот на ССМ, и покрај тоа што не се задоволни од своите плати, се плашат да се придружат на протестите бидејќи сметаат дека тие се насочени против некого. Претседателот на ССМ во оваа смисла порача дека борбата за повисоки плати треба да биде уште пожестока
За жал, 260 000 работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе сме присутни на денешниот протест – изјави претседателот на Сојзуот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на денешниот работнички протестен марш по повод 1 Мај – Денот на трудот.

Многу работници, според Трендафилов, и покрај тоа што не се задоволни од своите плати, се плашат да се придружат на протестите бидејќи сметаат дека тие се насочени против некого. Претседателот на ССМ во оваа смисла порача дека борбата за повисоки плати треба да биде уште пожестока.
„Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 на 8 час. Денеска ние и вие сме дел од светското синдикално движење каде што луѓето излегуваат да протестираат за да го одбележат 1 Мај на таков начин. За жал, денеска имаме и квази синдикати кои сметаа дека не треба да се протестира, кои сметаа дека нивното членство е задоволно и дека 1 Мај е за луксуз во скап хотел, на скапа конференција“,
изјави меѓу другото претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешниот протест.
Претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски, кој се приклучи на денешниот протест на ССМ, се осврна на синдикалните барања што тие ги имаат.
„Како независен синдикат за образование и наука стоиме цврстно на нашите барања, а тоа се почитување на колективните договори, почитување на пресметката на плата согласно коефициентот помножен со минималната плата. Бараме во најбрз можен рок да се започне почитуваање на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во образованието и во детската заштита. Не се откажуваме од овие барања не затоа што така ни текнало, туку затоа што така е предвидено во колективниот договор“,
рече Гиевски.
Првомајскиот протест се одржа под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“. Маршот започна од зградата на ССМ во центарот на Скопје, продолжи пред Собранието и Стопанската комора и заврши пред Владата.
