„Се надевам дека во периодот што следува сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата, да бидам попрецизен, убеден сум, бидејќи од страна на Владата постои огромна желба, но и посветеност токму кон овие проблеми коишто се акутни во Македонија како држава“, изјави премиерот по денешната средба во Владата со претставници на ИРИ и на невладиниот сектор
Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде одлучна и без да победиме во таа борба не можеме да имаме развиена држава, подобри услови и подобар стандард за граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски по денешната средба со претставници на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и на невладиниот сектор во Владата.
На средбата, во организација на ИРИ, Мицкоски вели дека со дел од членовите на Владата имале можност да разговараат со невладиниот сектор за високото ниво на криминал и корупција кое, како што оценува, е акутен проблем за нас како држава.
Дополнително се зборувало и за доброто владеење, кое според премиерот, исто така претставува императив за Владата.
„Се надевам дека во периодот што следи сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата, да бидам попрецизен, убеден сум, бидејќи од страна на Владата постои огромна желба, но и посветеност токму кон овие проблеми коишто се акутни во Македонија како држава“,
вели Мицкоски.
Тој изрази голема благодарност до Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и задоволство што можел да присуствува и да разговара со невладиниот сектор бидејќи, како што рече, борбата со криминалот и корупцијата мора да биде одлучна.
„Без да победиме во таа борба не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните. А нас како Влада цел ни е да направиме сè што е во наша моќ да обезбедиме подобри услови за живот, но и подобар стандард на нашите граѓани, бидејќи тоа е она што граѓаните од нас го очекуваат и тоа е она за коешто граѓаните гласаа пред неколку месеци и на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со невладиниот сектор, заедно со Меѓународниот републикански институт убеден сум дека ќе направиме многу“,
изјави премиерот Мицкоски.