Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со предлог-законот се овозможува амнестија на доскорaшниот премиер Зоран Заев и негови блиски соработници бидејќи, според него, се спречува прислушувани разговори за аферите на актуелната влада да бидат докази. Мицкоски бара снимки што се од јавен интерес да важат како докази
Незаконски прислушувани материјали да не бидат доказ е главната причина поради која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не го поддржува предлог-законот за јавно обвинителство.

Зборувајќи на прес-конференција за забелешките, тој потенцираше четири точки, од кои три се однесуваат на ова прашање.
„Заев со законот за јавно обвинителство, со кој се сака да не важат прислушуваните разговори, спроведува операција за амнестија, и тоа амнестија лично за Зоран Заев и членови на неговото семејство, амнестија за раководството на неговата партија и функционери од коалициската влада за кои постојат сомнежи дека се силно инкриминирани во нелегални активности и амнестија конечно за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, поточно за оние што се во негово заложништво и решија да одработуваат за негови интереси“,
рече Мицкоски.
Последниот предлог-закон кој е во Собрание предвидува „бомбите“ да важат за случаите на СЈО за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 (кои се веќе во судска постапка). Според истиот предлог, за истрагите покренати по овој период незаконски прислушуваните разговори треба да послужат само како индиции, додека оние што не се веќе докази или индиции да не можат повеќе да се слушаат, што значи да нема отворање нови случаи од овие материјали.
Тоа што за едни ќе важат „бомбите“, а за други не, Мицкоски го смета за противуставно бидејќи, според него, тоа значи селективна правда односно неправда. Противуставноста на законот е уште една од четирите точки кои ги наведе тој.
Во таа насока, тој потенцираше уште една точка, алудирајќи на евентуално нови снимки, но кои ќе се однесуваат на афери за функционери од актуелната власт.
„За ВМРО-ДПМНЕ главниот проблем, исто така, е членот 110 од предложениот закон. Со кој се предвидува разговорите да не важат за докази, со што јасно се сака амнестија на Заев, амнестија на ‘Рекет 1’, ‘Рекет 2’, ‘Леонардо’ итн. Сите оние други коруптивни афери кои беа присутни во изминатиот период, но и за кои постои основано сомневање дека ќе се појават во периодот што следува во јавноста. Согласно праксата на Европскиот суд за човекови права, секогаш кога станува збор за разговори што се од јавен интерес, тие треба да бидат докази во постапка“,
вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со ова веројатно алудираше на ставот 1 од членот 110, кој е општо напишан и гласи: „Јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали.“
Во останатите четири ставови од овој член станува збор исклучиво за нелегално прислушуваните разговори познати како „бомби“ кои му беа предадени во СЈО.

Покрај за прашањата околу „бомбите“, Мицкоски изрази несогласувања и за тоа што се предвидува шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да се разрешува со двотретинско мнозинство во Советот на јавни обвинители.
„Со новиот закон се устоличуваат егзекутори на наредбите на Заев во обвинителството, Русковска и Јовевски, кои сега се предлага да може да се сменат исклучиво со двотретинско мнозинство од Советот на јавни обвинители, во услови кога знаеме дека Советот поради партизираноста што ја направија е под директна контрола на СДСМ. Ова е типичен пример на монархистички закон. Русковска и Јовески му требаат на Заев да продолжат да ги исполнуваат неговите наредби и за да продолжи селективната правда и амнестија на криминалот“,
рече Мицкоски.
Инаку, ваквото решение е предвидено само за Русковска, која во случајот е шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, додека „двотретинско мнозинство во Советот за јавни обвинители“ не се споменува никаде кога станува збор за републичкиот обвинител, во случајот Љубомир Јовески.
Него, според предлог-законот, го разрешува Собранието, а иницијатива може да даде Советот на јавни обвинители или, пак, Владата да ја почне постапката. За Владата да предложи разрешување потребно е да побара мислење од Советот, кое може да биде позитивно или негативно. Понатаму, предлогот за разрешување и мислењето од Советот, Владата го доставува до Собранието.
