„Меѓународните претставници цело време зборуваат дека нема да има дополнителни услови за отпочнување на преговорите, и ние сме согласни со тоа, но сме сигурни дека понатаму ќе има дополнителни услови и тоа не може никој од нив ниту да го гарантира ниту да каже дека нема да да има дополнителни условувања“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за ТВ Алсат
Ако сакаат да веруваме дека Бугарија нема да поставува повеќе услови, не само сега туку и во иднина, тогаш нека се избрише билатералниот договор од Преговарачката рамка, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Алсат.
Мицкоски вели дека со голема внимателност ги следи пораките од меѓународните претставници во земјава, но и од оние кои изминатиов период беа овде и остварија средби и со опозицијата, но, како што додава, никој од нив не може да гарантира оти земјава нема да биде соочена со нови услови на патот кон ЕУ.
„Тие цело време зборуваат дека нема да има дополнителни услови за отпочнување на преговорите, и ние сме согласни со тоа, но сме сигурни дека понатаму ќе има дополнителни услови и тоа не може никој од нив ниту да го гарантира ниту да каже дека нема да да има дополнителни условувања. Ако е така, еве јас им давам предлог – нека го избришат билатералниот договор од Преговарачката рамка и тогаш ќе бидеме сите сигурни дека нема да има дополнителни условувања“,
рече Мицкоски.

Само, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, нека не велат дека овие работи се неменливи.
„Ние веруваме во тоа што го зборува Вашингтон, Брисел, Берлин, Рим, Париз во изминативе две децении, но за жал ние сме сè уште во ходникот, а некои држави коишто беа многу поназад од Македонија се или во процес на преговори или членки на ЕУ“,
додаде лидерот на опозициската партија.
Тој додаде дека позицијата на партијата останува иста и дека вакви какви што се уставните измени нема да бидат поддржани од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера најавија дека ќе учествуваат во собраниската расправа за уставните измени која ќе започне со дебата во Комисијата за уставни прашања идниот вторник, велејќи дека на неа јасно ќе дадат до знаење зошто се против усвојувањето на уставните измени.
Откако Владата ги усвои и ги достави во Собранието предлог-уставните измени, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најави дека на посебна координација ќе се утврди настапот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Комисијата за уставни прашања, но и на најавената пленарна седница за уставните измени, но остана на ставот дека неговата партија нема да ги поддржи измените.
Меѓу другото, Мицкоски излезе и со оценка дека текстот за уставните измени кој е усвоен од Владата, е наразумен и не е содржан во заклучоците од Советот на ЕУ, во Преговарачката рамка и Протоколот и оти таков каков што е, ги загрозува позициите на земјава во поглед на напредокот кон полноправно членство во ЕУ.
Владата на 18 јули ја усвои предлог-иницијативата за уставни измени со која Бугарите и други делови од народи треба да се внесат во Уставот, по што ја достави до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Пленарната седница на која пред пратениците ќе се најдат амандманите за уставните измени е закажана за 18 август во 11 часот. Претходно, на 25 јули, е закажана седница на Комисијата за уставни прашања, која треба да расправа по оваа точка најмногу 10 работни дена.