Во однос на најавата на Мицкоски дека има и други механизми ако членовите на Судскиот совет не се повлечат, премиерот вели дека најдобра алатка е јавниот притисок
Новите членови на Судскиот совет би се бирале според постоечките законски критериуми, вели премиерот Христијан Мицкоски, прашан за интерпелацијата поднесена во Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на петмина членови на Судскиот совет. Според него, ако интерпелациите поминат, односно ако мнозинството пратеници изгласа недоверба, посочените членови на Судскиот совет, како што вели тој, би било доблесно да се повлечат од функцијата.
„Тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови, сепак тие може да речат, не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков, непрецизен, и може тоа да се случи и тоа нас нема да нè изненади, ако тие одлучат со тоа да живеат. Но ние како политичари толку можеме да направиме, со сила ништо, нив до последно ги штити законот, таков е. Тие може да не поднесат оставка и да речат ќе тераме додека не ни завршат мандатите, што се надевам дека нема да се случи. Мислам дека ќе бидат доблесни и ако се изгласа интерпелацијата, ако заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат“,
рече Мицкоски.
На новинарско прашање во однос на најавата на Мицкоски дека има и други алатки ако членовите на Судскиот совет не се повлечат, премиерот вели:
„Да нема дилема кои се алатките, тоа е јавноста. Вистината е најпрецизна во јавноста, ќе се бориме во јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој Судски совет, од овој состав и мислам дека нема подобра алатка од јавност“,
вели Мицкоски.
Во однос на Советот за јавни обвинители, Мицкоски порача дека реформите ќе се одвиваат чекор по чекор.
Во петокот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, заедно со пратениците од парламентарното мнозинство на ЗНАМ и „Вреди“, поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет што се избираат од страна на Собранието.
„Решавањето на овие предизвици е неопходно за враќање на довербата во судскиот систем и за зацврстување на владеење на правото. Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава. Затоа секоја сенка на сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализирана, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните“,
порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
А иницијативата претходно ја најави премиерот Христијан Мицкоски кој најави „удар во чело“ за Судскиот совет.
„Цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти. Ударот во чело подразбира дека сето она што е под ингеренции на парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се избираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација тие може да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет“,
порача Мицкоски.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со Бадентерово мнозинство, а двајца членови ги предлага претседателот на државата, а изборот го врши законодавниот дом. Еден од овие двајца кандидати мора да биде припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Останатите осум членови ги избираат судиите од своите редови. Членови на Советот по функција се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие можат само да присуствуваат и да дискутираат на седниците, но немаат право на глас, односно да учествуваат во одлучувањето.
Собранието, според најавите, ќе расправа за членовите кои ги избира, а од актуелниот состав на Судскиот совет тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.