По пораката од Арсовска да не ѝ се заканува, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тој не е човек што врши притисоци и закани и ја критикуваше скопската градоначалничка дека во изминатата година од нејзиниот мандат не се видело ништо од ветеното пред изборите
Ако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не се извини тогаш директорите на скопските претпријатија од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја тужат за клевета и нарушување на угледот.
Ваква порака денеска до Арсовска упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно тужби најавија и двајца од директорите што си заминаа.
„Колку што знам, тие ги повикаа Антикорупциската комисија, Обвинителството и истражните органи да направат ревизија на нивното работење и да излезат со став во јавноста. Ако не се извини Данела Арсовска, колку што разбрав од нивните статуси и соопштенија, тие ќе покренат пријава за клевета и нарушување на угледот. Но, тоа не е важно, важно е сè што беше дел од концептот на модерно Скопје да биде реализирано и за тоа ќе има поддршка градската администрација. Тоа што е подзаборавено ќе потсетиме, а тоа што е спротивно на концептот за модерно Скопје жестоко ќе го критикуваме и ќе се спротивставиме со сите сили и алатки што ги имаме“,
изјави денеска Мицкоски.
Ова следува откако Арсовска ги разреши генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради, како што рече, самоволие и обиди за влијание во постапка за милионски тендер за пречистителна страница. Двајцата веќе побараа извинување или, рекоа, ќе ја тужат градоначалничката за клевета.
Во вчерашното обраќање на седница за советнички прашања на Советот на Град Скопје, Арсовска жестоко го нападна Мицкоски велејќи дека „му ги фатила директорчињата со рацете во медот“ и оти тој „никогаш нема да излезе од тендер-матрицата“. Градоначалничката му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и да не се крие и заканува туку да излезе пред неа и да каже што има.
Мицкоски, пак, вели дека тој не е човек што се заканува.
„Луѓето што ме познаваат знаат дека не сум човек кој врши притисоци или се заканува. Благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и скопјани успеавме да победиме на претходните локални избори и застанавме околу концептот за модерно Скопје на независниот кандидат Данела Арсовска. Само сакам да и посакам многу успех во работата и проектите кои се дел од концептот за модерно Скопје да бидат реализирани зашто изминатава година помина, но, за жал, од тие ветувања не видовме ништо и јасно и ставивме до знаење дека сме разочарани“,
рече Мицкоски.
