Агендата на Владата не е европска , туку криминална и јас таква не поддржувам, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кого премиерот Димитар Ковачевски го обвини дека е единствениот политичар кој смета дека македонската агенда не е иста со европската.
„Никогаш нема да бидам дел од онаа агенда која во своето множество опфаќа милионски имоти на млади господа во центарот на главниот град Скопје без да има јасно потекло како го стекнале тој имот. Нема никогаш да бидам дел од онаа агенда која тие ја нарекуваат европска каде што се местат тендери во четири очи и се крадат граѓаните, каде што здравството е катастрофално, а пациентите умираат по ходниците, каде што учениците ги добиваат книгите на крајот на учебната година наместо на почетокот. Мојата, нашата, македонска агенда е токму онаа во која ќе се бориме против сето ова кое оваа влада го промовира. Македонска, вистинска агенда секогаш била, е и ќе биде дел од вистинската европска агенда, односно вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски денеска го повтори и ставот во однос на уставните измени, во контекст на изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, за можно одлагање на чинот на гласање, кое потврдило дека нема 80 пратеници што ќе поддржат, како што рече, „бугарски диктат.“
„Наместо да го распуштат парламентот, наместо сите заеднички 120 пратеници гласаат за распуштање на Парламентот и да организираме предвремени парламентарни избори оваа есен, тие ја продолжуваат агонијата кај граѓаните во Македонија. Зошто, затоа што неколкумина во раководството на СДСМ и неколкумина во раководството на ДУИ исплашени дека со новата политичка реалност ќе ги изгубат своите позиции на политичката сцена, а дел од нив ќе ги изгубат своите позиции внатре во партијата, а богами и привилегиите и можноста да го крадат народот преку наместени тендери, од петни жили грчевито се борат да нема предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски.
Премиерот Ковачевски претходно порача дека ако досега ветото за Северна Македонија за евроатлантските интеграции доаѓаше однадвор, денес првпат ветото може да дојде однатре и тоа од политички партии, кои само декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата.