Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, обвини дека на почетокот на седницата, во делот на одговорите на писмените прашања, биле ставени вкупно 56 пратенички прашања, од кои 49 прашања од пратеници од власта, а седум прашања од опозицијата. Поради тоа, како што додаде, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напуштат собраниската сала, а ќе се вратат кога ќе дојде ред да се постават усните прашања или, како што вели Мицевски, вистинските прашања
Власта бега како ѓавол од темјан од нашите прашања и сака преку смислени сценарија да избегне да даде одговори на многу, за неа, непријатни и тешки теми – кажа од собраниската говорница координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на почетокот на седницата за пратенички прашања.
Тој обвини дека на почетокот на седницата, во делот на одговорите на писмените прашања, биле ставени вкупно 56 пратенички прашања од кои 49 прашања од пратеници од власта, а седум прашања од опозицијата. Иако е во согласност со деловникот, сепак, рече Мицевски, со ова власта сама на себе ќе си поставува прашања и ќе се обиде да ги избегне прашањата на опозицијата.

Поради тоа, како што додаде, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напуштат собраниската сала, а ќе се вратат кога ќе дојде ред да се постават усните прашања или, како што вели Мицевски, вистинските прашања.
„За нас ова не е ништо ново – власта бега од дебата по којзнае кој пат, бега од интерпелации, бега од информации коишто ги поднесуваме, бега од пленарни седници, бега од комисии, а сега еве бега и од институтот наречен пратенички прашања. Свесни сме што се обидувате да направите денес, свесни сме дека сакате да избегате на одговори на за вас многу непријатни и тешки теми, свесни сме дека сакате да се спасите и да не одговорите на сите прашања на граѓаните за скандалите коишто ги поставуваме овие денови, ама и свесни сме дека и вие сте свесни дека од ова нема бегање. Кога-тогаш ќе има одговори и кога-тогаш ќе има одговорност“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, пак, му реплицира на Мицевски велејќи му дека не држи забелешката оти мнозинството бега од дебата и дека и самиот тој кажал оти ова е деловничка можност.
„Не знам од каде таа забелешка дека бегаме од пратенички прашања. И самите кажавте дека пратениците ја имаат таа деловничка можност помеѓу две седници да поставуваат писмени пратенички прашања преку претседателот на Собранието до Владата, тоа право го искористиле, и во сите овие 54 одговори коишто се добиени согласно Деловникот во роковите, има околу 6-7-8 одговори кои се добиени на прашања од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа не ви ја прифаќам забелешката дека бегаме од дебата“,
рече Мисовски.
Со процедурална забелешка излезе пратеничката Илире Даути од ДУИ велејќи дека од 49 писмени прашања, 41 се поставени од неа, а доминантно се однесуваат за лица во процедура за добивање државјанства.

„Не сум јас пратеничка од тие кои, како што велите вие, прави активна блокада на Собранието. Вие сте тие што година и пол го блокирате Собранието, а која е добивката?“,
рече Даути и најави дека овие пратеничка прашања ќе ги поставува и понатаму бидејќи се на барање на граѓаните.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека пратеничката Даути е дел од власта и за овие прашања треба да се обрати до Владата, а не со нив, како што рече, да се обидува да ја спаси власта.
