Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целата македонска јавност дека власта цела година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени. Власта е разголена и нема друг адут освен лагите и манипулациите
Остануваме на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат и под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат и под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме. Впрочем, нашиот став е кажан и на Комисијата за уставни измени каде аргументирано кажавме дека власта турка процес којшто не е поддржан од граѓаните. Истото ќе го повториме и на пленарната седница“,
рече Мицевски по координацијата на пратеничката група со партискиот лидер Христијан Мицкоски во пресрет на собраниската седница в петок, на која ќе се гласа потребата од донесување уставни измени.
Според него, седницата в петок ќе биде добра можност целата македонска јавност да се увери дека власта лажела цела година дека има мнозинство за уставни измени.
„Оваа седница ќе биде добра можност да се увери целата македонска јавност дека власта цела година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени и дека не се ни блиску до уставни измени. Власта е разголена и нема друг адут освен лагите и манипулациите. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени и кога личните интереси ќе ги стават пред тие на државата. Тие цела година купуваа време со очекување и сега станаа жртва на сопствените лаги. Дозволија државата да ја стават во подредена позиција и да ја донесат во слепа улица. После ова, очекуваме одговорност“,
дециден беше Мицевски.
На новинарско прашање дали имаат некакви притисоци за прифаќање на уставните измени, тој нагласи дека немаат.
„Напротив, имаме поддршка од граѓаните кои секојдневно на улица ни пристапуваат и бараат да истраеме на она што граѓаните на Република Македонија го сакаат, а коешто е дијаметрално спротивно од барањето на владејачкото мнозинство во државата“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Пленарната седница на Собранието на С Македонија е закажана за 18 август и на неа треба да почне расправата за амандманите за уставните измени. Измените, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.
За потребата од донесување на уставните измени, како еден од првите чекори за отворање на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, односно гласовите на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврство останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.
Предлог-иницијативата на Владата за измени на Уставот на 25 јули го помина првиот собраниски филтер. Комисијата за уставни прашања тогаш со 10 гласа „за“ и седум „против“ го изгласа предлогот за пристапување кон измена на Уставот. Иако расправата во Комисијата беше предвидено да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако членовите на комисиското тело од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се повлекоа од понатамошна дискусија.
Со предлог-иницијативата што ја усвои Владата и ја достави до Собранието, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите и наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.
Министерот за надворешни работи денеска, два дена пред собраниската сеница, преку објава на својот официјален фејсбук-профил повика да „не дозволиме да се дефокусираме и дезоринетираме, туку да го зачуваме курсот и родителската грижа за идните генерации“.
Османи во објавата наведува дека станува збор за почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за граѓаните на С Македонија.