Направив консултација и со ДИК во смисла на броење на деновите што би значело тоа. Денес имам конечен заклучок дека претседателските избори ќе ги распишам на 14 февруари и планот ми е на истиот ден да ги распишам и парламентарните избори – вели претседателот на Собранието, Јован Митрески, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Вие претседавате со Собранието во последните 100 дена пред парламентарните избори, а две недели пред нив треба да се одржи прв круг од претседателските. Што ви е планот – кога ќе ги распишете изборите и едните и другите и до кога ќе работи Собранието?
Митрески: Значи, тука станува збор за почитување на Уставот и уставните рокови предвидени за одржување на избори, зашто станува збор за редовни парламентарни избори кои се случуваат првпат по 16 години. Постои мала забуна во јавноста во смисла на функционирањето на Собранието затоа што кога се одржуваат предвремени парламентаерни избори, парламентот се распушта со одлука за распуштање којашто ја гласаат пратениците, а во овој случај Собранието работи до крајот на својот мандант. Впрочем, ако ја земаме таа пракса за работа на Собранието до пред почеток на кампања, значи Собранието би функционирало некаде до крајот на месец март или првите денови на месец април.
360°: Зборувате за 20 дена кампања за претседателските избори?
Митрески: Па, 20 дена пред 24 април, тоа би било почетокот на април неколку дена, но продолжуваме бидејќи се спојува со парламентарните избори и во тој период Собранието нема потреба или е некое демократско правило да не работи за да не биде злоупотребена говорницата во смисла на кампања за претседателските или парламентарните избори. Во однос на вашето прво прашање за распишувањето, во Уставот вели од 70 до 90 дена пред одржувањето на изборите, што значи 24 април е првиот круг за претседателските избори, враќајќи наназад од 70 до 90 дена, фактички тоа му доаѓа некаде средина на февруари. Направив консултација и со ДИК во смисла на броење на деновите што би значело тоа. Денес имам конечен заклучок дека претседателските избори ќе ги распишам на 14 февруари и планот ми е на истиот ден да ги распишам и парламентарните избори.
360°: Истиот ден ќе ги распишете?
Митрески: Да, тоа ми е планот. Распишувањето на претседателските ќе биде сигурно на 14 февруари, а планот ми е тоа да биде и за парламентарните избори, тој ден.
360°: Во овие 100 дена имаме техничка влада или законот користи една фраза – преодна влада за организација на изборите, а во исто време, од ова што може да го видиме, имаме редовна агенда на Собранието. Е сега, многумина го поставуват прашањето – каде е тука политичката логика: техничка влада, а редовно собрание?
Митрески: Прво, Собранието мора да функционира заради граѓаните, бизнисите да се движат, работите што се надлежност на Собранието. Вие велите техничка влада или преодна влада, којашто, исто така, има можност да пушта во процедура како овластен предлагач закони, извештаи, точки на дневен ред.
360°: Треба ли тоа да го ограничи само на интервенции поврзани со изборите бидејќи тоа и е примарната задача – да обезбеди фер и демократски избори?
Митрески: Да, примарната задача, меѓутоа државата мора да функционира и овој период од 100 дена на техничка влада. Друг предлагач се и пратеници, ние за седницата в среда имаме многу предлог-закони што се по предлог на пратеници, сабајлево, исто така, сум известен, има уште дополнителни пет-шест закони коишто се по предлог на пратеници и по предлог на Влада, по снимањето ќе ги разгладам да видам дали има услови да ги ставам на седницата во среда за сѐ што може да постигнеме во овој период, да постигнеме во смисла на носење на законите или одбивање на законите.