Посочи дека од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца кај 17 субјекти се констатирани неправилности во делот на исполнување на минимално техничките услови
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 17 март до вчера изврши вкупно 297 надзори кај угостителски објекти, со пријавена дејност, како диско-клуб, диско-клуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе-бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти, во однос на тоа дали исполнуваат минимални технички услови и други одредби предвидени со Законот за угостителска дејност, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

„Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3 436 000 денари или 529 илјади евра. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност, кои вршеле дејност без лиценца или, пак, без исполнување на минимални техничките услови и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност“,
рече таа.
Посочи дека од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца кај 17 субјекти се констатирани неправилности во делот на исполнување на минимално техничките услови.
„Последниот извештај што го дадовме пред јавноста беа 15, денеска се веќе 17 и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд“,
вели Митева.
Во меѓувреме, според неа, кај седум објекти се отстранети неправилностите и на нивно барање е извршена дополнителна контрола која покажала дека се отстранети недостатоците, за што информации се доставени до ресорното министерство.
„Останатите правни субјекти што немаат активна лиценца или се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за нив ќе се преземат соодветни мерки согласно закон“,
кажа таа.
Митева информира дека контролата сè уште е во тек и како влада очекуваат детален извештај од сите девет одделенија на ДПИ надлежни на територија на Македонија за овие 297 контроли на правните субјекти да биде доставен во текот на следната недела.
За издадените 28 решенија за привремена забрана на дејност
Одговарајќи на новинарско прашање кој испитува одговорност зошто некои објекти работеле извесен период без лиценца, Митева рече дека во овој момент се врши контрола од страна ДПИ со останати институции за утврдување на фактичка состојба.
„Сигурна дека во текот на контролата и утврдување на ваквите состојби коишто се предмет на ова прашање ќе биде покрената соодветна постапка за сите оние коишто би требале да утврдат за оние коишто работеле спротивно на закон ќе бидат изречени конкретни платни налози и ќе им се направи забрана за вршење на дејност. Одговорност мора да има, затоа велам ова е состојба којашто не е краткорочна не одиме со еднострана контрола ќе продолжиме“,
кажа таа.