Утврдено е дека 15 правни субјекти од вкупно 23, кои имаат активна лиценца, не исполнуваат минимално-технички услови
Изминативе денови се направени 116 вонредни инспекциски надзори врз основа на Законот за угостителска дејност при што решенија за привремена забрана се изречени на 10 правни субјекти, кафулиња и клубови. Зависно од прекршокот, забраната е 10, 15, 20 или 30 дена, информираше денеска на прес-конференција, портпаролката на Влада Марија Митева.
Утврдено е дека 15 правни субјекти од вкупно 23, кои имаат активна лиценца, не исполнуваат минимално-технички услови.
„Кај нив ќе бидат изречени две мерки. Прво решенија за забрана за вршење дејност и предлог до Министерството за економија за одземање на лиценцата. Кај шест правни субјекти кои немаат активна лиценца или таа им е истечена, а е утврдено дека изминатиот период функционирале, издадени се решенија за забрана за вршење дејност“,
рече Митева.
Таа додаде дека се издадени 59 прекршочни платни налози во износ од 522 690 денари и по други основи од Законот за угостителска дејност како што се непочитување на некои нормативи кои требало да бидат заверени кај градоначалникот, одобренија за тераси, неистакнат број на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) итн.
Митева најави дека во координација со МВР, ДПИ овие денови почнува со инспекциски надзори во објекти за организирање прослави и настани, со посебен акцент на утврдување минимално-технички услови, категоризација на ресторани, како и за други одредби од Законот за угостителство.