Според Митева, најавите на СДСМ се обид за криење на реалноста и нема да го сопрат политичкиот пад на опозициската партија

Уште еден политички незрел маневар – вака владината портпаролка Марија Митева ја оцени најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека ќе се повлечат од работната група за Изборниот закон ако власта ја укине техничката влада.
Според Митева, најавите на СДСМ се обид за криење на реалноста и нема да го сопрат политичкиот пад на опозициската партија.
Митева укажа на ставови на лидерот на СДСМ, потенцирајќи дека партијата претходно била согласна за укинување на техничката влада, а сега го користи тоа за политички уцени.
„Ваквиот обид на Филипче и на СДСМ нема да ја сокрие реалноста дека тие се соочуваат со нивниот политички крај, а владејачката партија која што ја предводи Владата, ВМРО-ДПМНЕ, е таа која што ја гради иднината на државата. Навистина не можам да разберам како од една страна имаме изјави во кои што се вели дека имаат пораст на гласовите, тоа го кажува токму Венко вчера, а Венко денеска вели дека е против укинување на техничката влада, за која што во минатото беа согласни дека истата треба да се укине“,
рече Митева одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.
Митева смета дека ваквото постапување на Филипче не носи ништо добро во интерес на граѓаните.
„Институциите мора да бидат демократски. Оваа Влада тоа го покажа дека имаме демократизација, дека навистина можеме и знаеме како да ги водиме институциите и треба да ги напуштиме моделите кои што биле во минатото“,
рече Митева.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати предупредување до парламентарното мнозинство најавувајќи дека пратеничката група на социјалдемократите и коалицијата целосно ќе се повлечат од работната група за Изборниот законик доколку власта не се откаже од укинувањето на техничката влада.
Според Филипче, обидот за укинување на техничката влада претставува „автократски манир“ на владеење и директен удар врз демократските процеси. Тој нагласи дека во услови на партизација на судството и притисоци врз обвинителството, техничката влада е единствениот механизам што гарантира фер изборен процес
