За оние граѓани што сакаат да донираат средства за семејствата и за пациентите таа вели тоа да го прават само преку официјалната сметка на Црвениот крст за да се избегне каква било можност од злоупотреба на личните податоци и да им се наштети на семејствата

Секое семејство што е погодено од трагедијата во Кочани ќе добие по 150 илјади денари, кои ќе им бидат на располагање за покривање тековни, најитни трошоци, вели владината портпаролка Марија Митева.
Таа упати апел да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина и оти на сите пациенти лекувањето ќе им биде обезбедено од страна на државата.
За оние граѓани што сакаат да донираат средства за семејствата и за пациентите таа вели тоа да го прават само преку официјалната сметка на Црвениот крст за да се избегне каква било можност од злоупотреба на личните податоци и да им се наштети на семејствата.
„Морам да констатирам дека станува збор за споделување на лични информации на семејството. Можеме да се доведеме во состојба во која би можеле да направиме некоја поголема штета на самите членови на семејството, односно да се злоупотреби личен податок и така натаму. Не залудно Владата уште на почетокот најави дека ќе оди на наменската сметка на Црвениот крст како долгогодишна институција со досие за вакви состојби се со цел да избегнеме поголеми шпекулации или какафонија во јавноста каде да се донираат средствата, затоа решивме да се оди на една сметка. Ваквите состојби дека средствата се недоволни и дека имаат проблем со транспорт и сместување дека немаат сместување се невистини затоа замолуваме да не се шпекулира“,
рече Митева.
Митева рече дека екипите на Црвениот крст, Службата за општи и заеднички работи и Владата контактираат со семејствата на секои три часа со цел да се осигураат дека нема нови несакани состојби кои настануваат.
„Како Влада будно ја следиме состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна затоа што ние ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна“,
рече Митева.
Таа додаде дека според денешниот пресек згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство.