Вардар не може да ги испере од одговорност и ќе одговараат за секој еден криминал, но и тие од обвинителството кои по своја волја наместо да спроведуваат закон спроведуваат политички наредби на власта, рече Митева

Да се занимавате со Тодоровиќ, не е ништо друго туку брутална политичка хајка, дефокусирање од криминалите на власта и паника во редовите на власта, рече денеска Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање да го каже ставот за покренатото обвинение против поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ.
Митева, изнесувајќи дел од предметите за кои ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува сегашната власт, обвини дека обвинителството сега спроведува политички наредби на власта.
„Очаен е обидот за дефокус на власта од сопствените криминали и вообичаен неуспешен фолклор за притисоци за уставни измени под бугарски диктат кои нема да се случат. Владимир Тодоровиќ не е градоначалник веќе 10 години, и исто толку време е надвор од политиката. Да се отвори случај после 10 години, а притоа во државата слободно да се шетаат вицепремиерот Артан Груби чие најтесно семејство купуваше имот на улица ’Македонија’ по багателни цени, дваесетгодишниот внук на Али Ахмети да вади неколку десетици милиони евра за да ја купи ’Соравија’, кога Ден Дончев избега од државата иако јавно се виде на снимка како бега со туце пари“,
рече Митева.
Ова, според Митева, се случува во моменти кога премиерот Ковачевски, како што рече, го трупа својот имот, а неговата влада дава концесии на неговото семејство.
„Да потрошите околу 170 милиони евра или 10,5 милијарди денари и да изберете криминален надзор за коридорите 8 и 10-д, и при сето ова да се занимавате со Тодоровиќ, не е ништо друго туку брутална политичка хајка, дефокусирање од криминалите на власта и паника во редовите на власта. Вардар не може да ги испере од одговорност и ќе одговараат за секој еден криминал, но и тие од обвинителството кои по своја волја наместо да спроведуваат закон, спроведуваат политички наредби на власта“,
додаде Митева.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска информираше дека во истрага што ја има отворено, а која е поврзана со проектот „Скопје 2014“ осомничени се вкупно 15 физички и седум правни лица.
Обвинителот Љубомир Лапе денеска презентира детали за случајот, при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици.
Првоосомничен во случајот, кој е со кодно име „Феникс“, е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
