Романија работи на закон со кој комплетно ќе се забрани употребата на каков било оган во затворени простории, со исклучок на кујните. Ако успееме, можеби ќе ја спречиме следната катастрофа, кажаа од романската делегација на трибина во Скопје
Друга научена лекција во Букурешт е дека мора да се создадат јасни правила и често да се контролира дали се почитуваат, што значи никому да не се верува „на збор“ дека работи по закон. Значајно се зголемени и казните за надминување на дозволениот број гости во угостителските објекти

Мислевме дека пожарот од 2015 г. во Букурешт е уникатен настан, но истото повторно се случи во Кочани и во Кран-Монтана, кажаа од романската делегација денеска на трибина во Скопје, која ја организира Делегацијата на Европската Унија.
За време на настап на бенд во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт, од пиротехника се запалил таванот, кој бил обложен со лесно запалива акустична пена. Пожарот се ширел, запалената пена капела врз главите на гостите, кои наместо 80 – максимално предвидени во дозволата на објектот како кафе-бар, критичната ноќ биле речиси петпати повеќе – околу 400. Настанало стампедо, луѓето се газеле меѓусебно итајќи кон единствениот излез, додека вратата за итни случаи била врзана со синџир. Епилогот е 64 загинати, од кои 26 на самото место, а 38 во болниците. Околу 150 луѓе биле повредени.
Клубот се наоѓал во стара фабрика, чиј главен влез бил затворен, поради што и интервенцијата на пожарникарите и медицинските екипи доцнела две минути. Пожарот бил изгаснат за вкупно шест минути.
Но, она што е различно од трагедијата кај нас, е што Романија веднаш го активирала „црвениот план“ за постапување и што несреќата се случила во главниот град на државата, каде полесно се одвива мобилизација на надлежните институции.
Само една година претходно, во 2014 г., Романија воспоставила модел на управување со вонредни ситуации, кој значително помогнал критичната ноќ. Постапката од неколку чекори на дебата во Europe House во Скопје ја објасни државниот секретар за цивилна заштита при МВР на Романија, Реад Арафат, oткако ден претходно со романска делегација го посети и Кочани во пресрет на годишнината од трагедијата.
Службите интервенирале во фази
„По пристигнувањето во ‘Колектив’, амбулантните возила таму беа распоредени во полукруг за да можат да ги преземат пациентите и веднаш да заминат, а некои медиуми нè обвинуваа дека така биле поставени за сликање, за пропаганда. Интервениравме со 42 амбулантни возила и 168 пожарникари, лекари, техничари, плус 56 лица персонал на итна помош. За време на такви вонредни случаи, бројот на возила се зголемува постепено бидејќи системот работи. Дел од амбулантните возила требаше да го предадат пациентот во болница и веднаш да се подготват за следната итна интервенција… Опремени сме со амбулантни возила за масовни несреќи кои можат да примат 4 пациенти во исто време, Букурешт има неколку вакви. Не можетe одеднаш да имате 100 амбулантни возила на местото на настанот. Разликата од Кочани е во тоа што Букурешт е главен град. Значи, имаме многу екипи во главниот град, па можевме да ги концентрираме многу побрзо отколку ако инцидентот се случеше во помал град, тогаш ќе моравме да повикаме екипи од други градови“,
објаснуваше детално Арафат низ презентација во Скопје.

Како што течеше презентацијата, така стануваше појасна разликата во екипираноста меѓу Романија и Македонија. По првите повици во 22:32 часот вечерта кога избувнал пожарот во Букурешт, Арафат веднаш се упатил на местото на настанот.
Првата наредба што ја дал, а во моментот цени дека била клучна, е тоа што одлучил да не се носат сите луѓе во двата центри за изгореници, за да избегнат гужва. Пациентите ги распределиле во 13 болници кои имаат оддели за итни случаи и амбуланти. За час и половина „црвениот план“ завршил оти сите биле евакуирани, а единствениот метеж настанал во една од болниците, каде полесно повредените сами се упатиле, што значи дека сепак не може работите целосно да се држат „под конец“. Помагале и доброволци. Два дена била отворена и бесплатна телефонска линија, која граѓаните ја преплавиле со повици прашувајќи дали нивни блиски се меѓу пациентите или починатите.
„Освен смртните случаи што ги имавме на местото на настанот – 26 плус еден на пат кон болница, таа ноќ не регистриравме други смртни случаи во болниците. Со 88 интубирани пациенти, ова беше нешто што покажува дека системот реагираше на добар начин, бидејќи ако не беа третирани правилно, можевме да ги изгубиме“,
рече Арафат.

Вториот чекор бил транспорт на пациентите во странство. Во тој период, ЕУ-механизмот за цивилна заштита сѐ уште немал јасна процедура за вакви случаи, па некои земји побарале време за координација. Мобилизирани биле сите расположливи ресурси: авиони на романското Министерство за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, како и авион од НАТО од базата во Унгарија. Работеле деноноќно и транспортирале 44 пациенти надвор од државата.
Во Романија останале оние пациенти за кои ризик било да се транспортираат, како и полесно повредените. Паралелно, семејствата на повредените притискале нивните најблиски да се носат во странство, оти изгубиле доверба во процесот.
„Изгубивме најмалку три пациенти за време на трансферите бидејќи бевме навистина притиснати да го направиме тоа, а семејствата потпишуваа документи дека преземаат одговорност за пациентите што се изнесуваат во таа состојба. Во еден случај, авионот полета и мораше да се врати бидејќи пациентот не го преживеа ниту полетувањето на авионот. И вкупно имавме 64 смртни случаи. Некои од овие смртни случаи се случија надвор, во земјите каде што ги испративме пациентите, некои внатре. Морталитетот беше речиси ист во двата случаи, ако ги изземеме некритичните пациенти“,
раскажуваше Арафат.
„Работела“ и пропагандата
Тој обвини дека дел од медиумите и невладините организации го отежнувале процесот, ширејќи манипулации и лажни вести, а засегнатите семејства почнале да веруваат во теориите на заговор дека се сокриваат тела на починати, како и дека пожарот е резултат на терористички или владин напад.
Затоа почнале да потпишуваат и договори за соработка со невладините, за да се запознаат меѓусебно, и да не се доведат во ситуација да „ги напаѓаат“.
Паралелно, со болниците утврдиле процедура за масовен транспорт на пациенти во странство, ги споиле диспечерските центри на службата за брза помош и на противпожарната служба на едно место, а имаат и олеснета процедура со осигурителните компании за здравствена заштита.
„Научивме многу нешта. Значи, едно прашање е интеграцијата, друго прашање е обуката и вежбањето. Третото прашање што би го поставил е справувањето со овие проблеми на национално ниво, а не само локално. Брзиот одговор зависи и од интегрираноста. Ако го фрагментирате системот и на секои две или три екипи поставите некој што може да каже ‘да’ или ‘не’, тогаш ќе треба да земате дозволи, ќе треба да почнете да барате одобренија, а тоа одземa многу време. Ова се работи што ги научивме на потешкиот начин. Секогаш размислувајте за најлошото можно сценарио, кога ги подготвувате вашите планови“,
заклучи Арафат и посочи дека политичката агенда мора да запре за време на несреќи.
Последиците немаат крај
Она за што исто така треба подолг период за закрепнување е всушност психолошкото влијание на трагедиите врз луѓето, посочија од романската делегација во Скопје. Тие ангажирале социјални работници во секоја од деветте земји каде што пратиле пациенти, обезбедиле преведувачи и психолошка поддршка.
„Првично имавме огромна мрежа од волонтери, психијатри и психолози кои заедно со социјалните работници работеа со семејствата и пациентите. И во првата година го развивме она што се нарекува приоритетен акт. За изгореници имаме приоритетен акт со кој продолживме со финансирање, мислам следните 8 до 10 години за сите неопходни барања на преживеаните, потребите и натаму се големи. Факт е дека за многу преживеани имавме серија интервенции во Белгија, на пример. Создадовме стратешко партнерство со воената болница во Брисел. И со години имаше пациенти кои постојано се враќаа таму за други видови операции и кои добиваа психолошка поддршка таму, но и во Романија“,
кажа Габриел Диакону, психијатар, кој при пожарот во „Колектив“ бил главен координатор на психосоцијалната мрежа за поддршка.
Романија работи на закон со кој комплетно ќе се забрани употребата на каков било оган во затворени простории, со исклучок на кујните. Ако успееме, можеби ќе ја спречиме следната катастрофа, кажаа од романската делегација во Скопје.
Друга научена лекција во Букурешт е дека мора да се создадат јасни правила и често да се контролира дали се почитуваат, што значи никому да не се верува „на збор“. Значајно се зголемени и казните за надминување на дозволениот број на гости во угостителските објекти.
Дебата ја следеше и швајцарскиот амбасадор во земјава, додека неговата матична држава, Новата година ја дочека со слична трагедија во Кран-Монтана во која животот го загубија 41 лице.
„Во Швајцарија сè уште сме во процес на справување со последиците и извлекување поуки, но има три општи заклучоци што би сакал да ги изнесам. Првиот се однесува на вродената несовршеност на човечкиот потфат. Не постојат места каде што такви работи се случуваат и други места каде што такви работи не се случуваат. Тие можат да се случат секаде и единствениот начин да се справиме со ова е да бидеме подготвени и да имаме воспоставени процедури за управување со кризи. Втората точка се однесува на одговорноста. Споменавте дека овие настани обично се случуваат и како резултат на тоа што луѓето не ја преземаат својата одговорност, било да се тоа оние кои управуваат со местата каде што тоа се случува, било да се оние кои се задолжени за надзор на безбедносните мерки – и во Швајцарија си поставуваме многу тешки прашања во овој поглед во моментов. И третото е само огромната вредност и неопходната солидарност“,
кажа Кристоф Зомер.

За важноста на закрепнувањето на заедницата преку континуирана помош, се осврна и евроамбасадорот Михалис Рокас кој кажа дека трипати го посетил Кочани.
„Се собравме не за да споредуваме, туку за да разговараме како да размениме искуства меѓу Букурешт 2015 и Кочани 2025, и како најдобро да им помогнеме на семејствата на жртвите“,
кажа Рокас.
