Осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, министерот за одбрана рече дека утрината на 16 март и во деновите потоа зборувал со голем дел од амбасадорите и министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата кои изразиле сочувство за трагедијата и понудиле помош
Денеска не го одбележуваме само јубилејот од пристапувањето на земјава во НАТО, го одбележуваме заедништвото и меѓусебната поддршка – порача министерот за одбрана Владо Мисајловски во обраќањето на свеченоста во касарната „Илинден“ во Скопје по повод одбележување на петгодишнината од членството во НАТО.

Осврнувајќи се на трагедијата во Кочани, министерот рече дека рано утрината на 16 март и во деновите потоа зборувал со голем дел од амбасадорите и министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата кои изразиле сочувство за трагедијата и понудиле помош и поддршка.
„Она што го слушнав од нив беше – ‘сочувствуваме со вас’ и ‘како можеме да помогнеме’. Зборовите на утеха, а уште повеќе, подготвеноста да се помогне е она кое од нас 32-те земји во НАТО прави една здружена, обединета сила која е подготвена да излезе пресрет на секоја земја членка. Им благодарам од срце на секој еден од нив и им порачувам – нивната поддршка јас и македонските граѓани никогаш нема да ја заборавиме“,
рече Мисајловски.

Додаде дека НАТО не е само воено-политички сојуз туку сојуз кој и покрај различните гледишта на мноштво теми има заедничка суштина, а тоа е грижата едни за други. Тоа, како што рече, е најголемата вредност во Алијансата.
„Но, нема да го заборавиме ниту професионализмот и посветеноста на припадниците на Армијата и на сите останати чинители кои беа максимално посветени да помогнат веднаш на своите сограѓани. Секој еден припадник од Генералштабот и Министерството за одбрана и 146-те припадници кои беа ангажирани во поддршка на институциите и граѓаните мораа да се изборат со сопствените чувства и тагата и најпрофесионално да одговорат на задачите. Секој следен пат кога ќе го споменеме зборот херој, треба гласно да ни одекнува дека Македонија ги има многу во својата историја, кои го дале својот живот, но и херои кои се секојдневно меѓу нас, подготвени веднаш да помогнат, а дел од нив се и припадниците на македонската Армија“,
додаде Мисајловски.
Министерот порача дека единството во Армијата и единството во НАТО Алијансата треба да се преточи во единство меѓу граѓаните со цел, како што рече, да се изгради општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се приспособува на новите предизвици со цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани. Додаде дека се потребни промени ќе помогнат за градење функционално, праведно и современо општество.
Мисајловски посочи дека со членството во НАТО ја зајакнуваме својата безбедност, но даваме и свој придонес во зацврстувањето регионалната и на колективна безбедност. Членството во Алијансата, како што додаде, претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија.
„Инвестираме во македонската одбрана, ја модернизираме нашата Армија со силно темпо, а заедно со нашите сојузници учествуваме во голем број вежбовни активности дома и во странство со што ја зајакнуваме интероперативност, која е клучна особено при учеството во мировните операции. Имаме многу што да научиме, но и да понудиме. Да си ја чуваме Македонија, да се грижиме за безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко, затоа што само така можеме да одиме напред, за подобар и попросперитетен живот“,
рече Мисајловски.