Како што вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на лабораторијата АМБИКОН, предмет на анализа ќе биде присуството на 32 елементи, меѓу кои, никел, кадмиум, арсен, олово и жива, а ќе се анализираат водорастворливите јононитрати, сулфати, амониуми, хлор, калиум и елементарен јаглерод
Истражувачи од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за една недела, односно за седум дена треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух, што вчера ги поставија во скопско Трубарево, каде што еден ден претходно во пожар изгоре објект на фирма за третирање електронски отпад. Ова за државната новинска агенција МИА го изјавил ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и раководител на лабораторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски.

Тој во изјавата вели дека се поставени два уреди, кои континуирано, 24 часа, во наредните пет дена ќе собираат примероци од честички кои подоцна ќе бидат анализирани.
Едната мерна станица, според информациите, е поставена на педесетина, а втората на стотина метри од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика на фирмата „Ф-групација“ во Трубарево, која изгоре во саботата.
Како што вели Мираковски, предмет на анализа ќе биде присуството на 32 елементи, меѓу кои, никел, кадмиум, арсен, олово и жива.
Дополнително, информира тој, ќе се анализираат водорастворливите јононитрати, сулфати, амониуми, хлор, калиум и елементарен јаглерод.
„Тоа е стандарден сет на анализи коишто ќе ни овозможи заедно со металите, вклучително и регулираните метали да направиме проценка на квалитетот на воздух во наредните неколку дена“,
вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и раководител на лабораторијата АМБИКОН.
Мираковски во изјавата наведува дека во моментов не може да се определи зоната на дисперзија на честичките што се ослободени во воздухот. Тоа, вели ректорот, зависи од количината и видот на материјалот што изгорел, но и од атмосферските сулови.
Првична процена, според него, тешко може да се направи, бидејќи, како што вели, сè уште нема точни информации што точно имало во објектот, кој служел како складиште.
Сепак, како што забележува тој, со согорувањето на литиумските батерии и пластика се формираат и гасови и честички, од кои дел се трајни органски загадувачи.
„Не се работи за фабрика, туку за склад и нема точни информации колкави количини имало од материјали внатре. Кога ќе се добијат сите информации може со реверзибилно моделирање да се процени зоната, а може и со директно земање примероци од околината, по некаков распоред и да се утврди колкава е таа зона која претставува ризик“,
вели Мираковски во изјавата за МИА.
Тој додава дека освен на воздухот, предвидено е да се прават анализи и на водата и почвата во регионот. По утврдувањето на овие параметри ќе биде познато дали ќе треба да се врши чистење и санација на евентуално контаминираната зона.

Дека ќе вршат мерења, односно дека складиштето во Трубарево е поставена мерна станица што го мери квалитетот на воздухот во реално време, информираа синоќа од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Како што соопштија оттаму, првиот вицепремиер и министер кој раководи со овој ресор, Изет Меџити, вчера го посетил местото на пожарот во Трубарево, а бил придржуван од директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ивана Гиновска и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Претходно вчера од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираа дека на местото немало отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град по пожарот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања опд настан во фабриката „Макстил“ изјави дека истрагата за пожарот во Трубарево ќе биде темелна, но ги повика и другите институции да ги преземаат дејствијата што се во нивна надлежност за да се превенираат вакви случаи, а не да се реагира откако тие ќе се случат.
Прашан за причините за пожарот министерот за внатрешни работи рече дека за да се утврди тоа првин е потребно да се направи увид. Тоа, како што додаде, би било можно откако ќе поминат најмалку 24 часа откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска соопшти дека пожарот во Трубарево е е целосно изгаснат, односно дека целата опожарена зона е затрупана со песок и со земја.
„Утрово покажуваше на неколку места слабо чадење, но врз истото веднаш е дејствувано со специјална пена и со дозатрупување со земја, односно по потреба и со песок“,
рече Ангелов.
Во врска со пожарот во Трубарево на четири лица им е определен краткотраен притвор од 48 часа, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
Четирите лица, како што додаваат оттаму, се осомничени за кривичното дело од член 230 став 3, а во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), односно загрозување на животната средина и природата со отпад.
Според Обвинителството станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство на раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.
Нивните конкретни дејствија, како што велат од скопското Основно јавно обвинителство, и понатаму се испитуваат, а се испитува и потенцијална одговорност и на други лица.