Според ресорниот министер, Љупчо Николовски со новиот концепт не се крати ништо од досегашната поддршка, туку од актуелниот еден систем, субвенциите ќе се распределуваат во два сегменти – еден ќе се однесува на површината на земјата што ја обработуваат фармерите, која ќе се исплаќа како основна субвенција, а другиот дел ќе биде поврзан со производството
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на нов модел на субвенционирање чија цел е да се зголеми домашното производство.

Како што информираше ресорниот министер, Љупчо Николовски во емисијата „Топ Тема“ на телевизија „Телма“, со новиот концепт не се крати ништо од досегашната поддршка, туку од актуелниот еден систем, субвенциите ќе се распределуваат во два сегменти. Еден ќе се однесува на површината на земјата што ја обработуваат фармерите, која ќе се исплаќа како основна субвенција, а другиот дел ќе биде поврзан со производството.
„Со новиот предлог не се крати ништо од досегашната поддршка што ја добиваат земјоделците, останува истиот буџет распределен во повеќе програми за поддршка. Основата на костурот е премин од еден систем во кој субвенциите беа исплаќани по површина на земјоделските стопанства. Фармерите сега таа поддршка ќе ја добиваат како основна субвенција за тоа што ја обработуваат земјата, а другиот дел од субвенциите го врзуваме со производството, односно да докажат дека имаат производство кое е дадено или предадено на регистрирани преработувачки капацитети, трговци или купувачи и притоа да остварат приход“,
истакна Николовски.
На новиот концепт, како што посочи, се работело шест месеци, а во претстојниот период министерот најави теренски средби со земјоделците за да се објасни новиот модел и до крајот на годината да се утврди.
Тој посочи и дека програматa за рурален развој прераснува во инвестициска програма за поддршка, “со посебен акцент на малите производители и на регистрираните земјоделци“.
„Воведуваме нова мерка за поддршка на бизниси идеи во следните пет години. Се помагаат помалите фармери чија основна дејност е земјоделството, за инвестиции и проширување на производствтото, или почнување фабрики за расад. Овој повик ќе биде отворен цела година и ќе трае до исцрпување на средствата. Наместо ние да одредуваме за што ќе се дава поддршка, земјоделецот ќе може сам да подготви план и да аплицира за набавка на трактор, силос, систем за наводнување или друга инвестиција“,
посочи Николовски.
Министертвото, како што нагласи Николовски, работи и на земјоделското осигурување, преку креирање на осигурителен пул преку кој се планира во првите три години трошоците за осигурување да бидат покриени од државата.
„Овој концепт е зависен од донесувањето на законот за задолжително земјоделско осигурување, но и од добивањето на средства од програма на ФАО во висина од 50 милиони евра за кои веќе подготвивме проект и аплициравме“,
рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.