„Ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од член 226 од Законот за здравствена заштита за прием на пациенти прегледани како итни случаи. Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивање на приемот за болничко лекување“, се вели во извештајот од извршениот надзор од страна на Инспекторатот на Детската клиника
Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на починатото седуммесечно бебе, предлага Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изминатите два дена изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника.
Надзорот на ДСЗИ е извршен откако завчера е објавено дека на Клиниката почина седуммесечно бебе кое имало оштетување на повеќе органи, по што дошло до влошување на состојбата.
Според инспекторатот, констатирано е дека на Детската клиника сè уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка, како и дека медицинската документација се креира од страна на доктори што не се присутни на работа, за што ДСЗИ издаде решение чии рокови течат.
„Ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од члeн 226 од Законот за здравствена заштита за прием на пациенти прегледани како итни случаи. Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивање на приемот за болничко лекување“,
се вели во извештајот од ДСЗИ.
Наведената законска обврска, според ДСЗИ, е казнива согласно член 306 од Законот за здравствена заштита, поради што инспекторатот ќе спроведе нова постапка за порамнување кон правното лице ЈЗУ УК за детски болести, како и против одговорното лице во установата.
„На 17 и 18 декември 2024 година изврши вонреден инспекциски надзор во врска со починатото седуммесечно бебе на Детската клиника. Врз основа на извршениот увид во медицинската документација, истории на болест, упати и специјалистички извештаи и изјавите од докторите кои учествувале во лекувањето, констатирано е дека бебето е донесено на 9 декември поради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. Прво, детето е прегледано од страна на специјалисти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективната клиника, Клиниката за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детската клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника“,
велат од ДСЗИ.
Два дена подоцна, на 11 декември, детето повторно е донесено на Клиниката поради влошена клиничка слика и е хоспитализирано на Одделот за неврологија.
„Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември поради влошување на состојбата, трансферирано е на Одделот за интензивна нега и терапија. По стабилизирање на состојбата, повторно е вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехографски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето, што во вечерните часови на ден 15 декември 2024 година, завршува со егзитус“,
се вели во извештајот од ДСЗИ.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.
По смртта на петгодишното девојче, од Детската клиника на нивниот фејсбук-профил рекоа дека тимот на доктори максимално се трудел околу состојбата на детето и постапувал со највисок професионализам, но за жал немало успех.
Пред овој случај на Клиниката почина и 14 месечно бебе, а двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено беа отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка согласно членот 192 од Законот за здравствена заштита.