Одлуката да не достават предлог оваа година, велат од Министерството, е со цел да се даде време за допрецизирање на критериумите и зајакнување на филтрите за тоа кој може да биде помилуван, а кој не
Министерството за правда и официјално соопшти дека ја поништува предлог-листата со имиња на затвореници за помилување, која требаше да биде доставена до Комисијата за помилување во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Оттаму велат дека одлучиле дека воопшто нема да предлагаат помилувања бидејќи сметаат дека треба да се допрецизираат критериумите.
„Ова се прави со цел да се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани. Во Министерството за правда постои работна група која работи на составување на нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврстат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван. Со тоа сметаме дека ќе се минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем“,
велат од Министерството.
Предлог-списокот за новогодишни помилувања годинава предизвика реакции во јавноста откако медиумите објавија дел од имињата за кои се предлага да излезат од затвор порано од предвиденото. На списокот кој го објави Алсат ТВ се наоѓаа 48 лица меѓу кои бизнисменот Сеат Кочан осуден во предметот „Труст“ на СЈО; Александар Василевски-Нинџа осуден за настаните од 27 април 2017 година и сведок за истите случувања во предметот за организаторите; Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4-годишниот Алмир во Куманово.
Маричиќ: Ниту едно спорно име нема да се најде на списокот за помилувања