Од Синдикатот го оспорија соопштението на Министерството во кое, повикувајќи се на Законот за општа управна постапка (ЗОУП), од институцијата наведуваат оти Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор до учесниците во конкурсот доставила барање за дополнително појаснување на доставената документација, што, како што наведоа од Култура, било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонија. Синдикалците забележуваат дека Министерството не го навело конкретниот член од Законот по кој се постапува, но и за кои минати постапки се однесува ваквата пракса
Вработените во Македонската филхармонија, преку Синдикатот на институцијата, обвинија дека Министерството за култура и туризам се обидело да го оправда, како што велат, незаконското постапување при изборот на директор на Филхармонија, отфрлајќи ги обвинувањата на Синдикатот како неосновани.

Од Синдикатот го оспорија соопштението на Министерството во кое, повикувајќи се на Законот за општа управна постапка (ЗОУП), од институцијата наведуваат оти Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор до учесниците во конкурсот доставила барање за дополнително појаснување на доставената документација, што, како што наведоа од Култура, било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонија.
Синдикалците од Филхармонија, пак, забележуваат дека од страна на Министерството не е наведен конкретниот член од Законот по кој се постапува, но и за кои минати постапки се однесува ваквата пракса.
„Согласно член 39 став 3 од ЗОУП, ако поднесокот е нецелосен или нејасен, јавниот орган ќе се обрати до подносителот и ќе определи рок од 15 дена за дополнително појаснување. Ако подносителот ги отстрани недостатоците во определениот рок, ќе се смета дека поднесокот бил од почеток доволно јасен. Ако подносителот не одговори во определениот рок, барањето ќе биде отфрлено со управен акт во рок од дополнителни седум дена, против кој е дозволена жалба. Во самиот член никаде не се наведува дека е дозволено доставување на дополнителен документ, односно документ кој е наведен како задолжителен во конкурсот, а не бил доставен во определениот рок. Имено, во објавениот конкурс за избор на директор е наведено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат“,
велат од Синдикатот во Македонска филхармонија.
Следствено на ова, како што посочуваат, Министерството за култура не прави разлика меѓу „дополнување на некомплетна документација“ и „појаснување на пријавата“.
„Доколку Министерството смета дека ваквото постапување согласно со одредбите на ЗОУП, реченицата ‘Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат’, ги доведува во колизија и во ситуација на контрадикторност самиот конкурс и одредбите на ЗОУП“,
велат синдикалците од Филхармонија и додаваат дека со ова повторно се доведуваат во прашање легитимноста и законитоста во постапувањето на конкурсот.
Реакцијата на Синдикатот на Македонската филхармонија следува по соопштението на Министерството за култура и туризам од пред два дена во кое се наведува дека изборот на директор на оваа институција ќе биде согласно законските прописи, отфрлајќи ги обвинувањата на синдикалците за потенцијална партизација во постапката.