Во врска со инсулинот „ризодег“, од компанијата „Ново Нордиск фарма“, од Министерството за здравство велат дека е добиено известување оти има глобален дефицит на овој лек
По информациите, кои денеска ги изнесоа од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ), од каде велат дека повторно се соочуваат со недостиг на инсулинска терапија, од Министерството за здравство веднаш одговорија дека има доволно количини инсулин во инсулинските аптеки.
Во соопштението од Министерството за здравство информираат дека во инсулинските аптеки има доволно количини од лекот „оземпик“ и „рибелсус“ согласно количините од договорот за јавна набавка.
„Количините од овие два инсулини се испорачуваат тековно и континуирано до инсулинските аптеки“,
велат од Здравство.
Во врска со инсулинот „ризодег“, од компанијата „Ново Нордиск фарма“, од Министерството за здравство велат дека е добиено известување оти има глобален дефицит на овој лек.
„Лекот е достапен во нашата земја, но се добива во количини согласно тендерската постапка. За таа цел, пациентите кои имаат потреба од инсулинска терапија се обезбедени со соодветна замена на инсулин од иста генерика. Потенцираме, сите пациенти ја добиваат потребната инсулинска терапија“,
се додава во соопштението од Министерството за здравство.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) денеска преку соопштение рекоа дека оттаму бараат сериозност од Министерството за здравство и транспарентно да се дејствува и навремено да добиваат информации во тековниот период.
Одговорот што го добиле од Министерството за здравство, како што велат оттаму, е дека заради ревидирање на количините на „ризодег“ (ryzodeg), согласно количините предвидени во реализација на тековниот тендер, се делат само преостанати количини по бројка. Сите други пациенти, од СЗДМ велат дека добиле одговор оти треба да се консултираат со своите специјалисти еднокринолози и заеднички да направат вистински избор за замена на инсулинската терапија.
Според СЗДМ, моменталната состојба само ги потврдува нивните долгогодишни барања за промени во моделот на достапност на терапија и помагала со отворен пазар и воведување референтни цени.