Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Министерството за енергетика за само една година има направено резултати кои се видливи – граѓаните добиваат стабилен, модерен и независен енергетски систем

Новоформираното министерство за енергетика е пример за тоа како чесно и транспарентно се работи за поставување на темелите на енергетската независност, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешната прес-конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Министерството за енергетика за само една година има направено резултати кои се видливи – граѓаните добиваат стабилен, модерен и независен енергетски систем.
„СДС денес повторно ја користи старата тактика на ширење дезинформации, обиди за дестабилизација и популистичко манипулирање со стравовите на граѓаните. Најновиот напад врз енергетиката е уште еден обид да се прикријат нивните години на неработа и хаос во енергетскиот систем“,
се вели во писмената реакција од владејачката партија.
Оттаму велат дека во првата година од работењето на Министерството за енергетика, се преземени конкретни и темелни чекори за темелна енергетска трансформација.
Како дел од преземените чекорите ги наведуваат Законот за енергетика кој е усогласен со ЕУ-стандардите, интерконекторот со Грција, цената на струјата останува непроменета веќе една година, во соработка со Светска банка се обезбедуваат нови фондови за енергетска ефикасност, особено во јавниот сектор.
„По годините злоупотреби и партиски тендери под власт на СДС, повторно ќе има одговорна поддршка за намалување на потрошувачката и трошоците. СДС го остави системот со хаварии и без визија. Граѓаните знаат дека со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ резултатите се неизбежни“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска излезе со критики кон Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предводено од Сања Божиновска, оценувајќи ја првата година од нивното владеење како период со „0 резултати, 0 реформи, 0 проекти“ и укажувајќи на „целосен распад на енергетскиот систем“.
Таа рече дека од партиската програма „1198“ на ВМРО-ДПМНЕ, каде беа најавени нови енергетски капацитети и реформи, не е реализирано ништо.
Од партијата бараат одговор дали има договор на министерката за правни консултации со „познат адвокат близок до ВМРО-ДПМНЕ“ и прашуваат која е неговата улога и дали соработката укажува на постоење на „коруптивна мрежа во министерството која води директно до министерката.“