Во најбрзо време ќе се формира совет за целиот проблем кој не е само за оваа учебна година да се реши за цело основно и средно образование. Со формирањето на советот, ќе се координираат сите активности бидејќи не зависи сè од МОН туку и од други институции, вели министерот

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува во текот на овој и наредниот месец да завршат сите процеси во националната Комисија за сите учебници за основно и средно образование.
Според него, проблемот со учебниците е од порано и не е само во оваа учебна година.
„Проблемот со учебниците не е само од оваа учебна година. Ние во претходната учебна година почнавме со нов концепт за основно образование и со нови учебни програми. Тој концепт минатата година беше само за прво и четврто одделение. Во прво одделение имавме материјали кои претходната година ги изработи Бирото за развој на образование, а за четврто одделение имавме печатени и дигитални материјали. Кога почнав да ја вршам функцијата министер, граѓаните бараа печатените учебници да се вратат во процесот. Јас ја поддржав дигитализацијата, но, исто така, реков дека ќе ги вратиме и печатените учебници, а за да тоа се случи потребно беше да се формира национална Комисија која треба да го има пред вид Законот за учебници“,
рече Шаќири.
Тој додава дека Комисијата веќе има одобрени учебници, и се завршува со процесот на жалби за економски оператор, а по затворање на овој процес и одобрување на учебници, очекува во месеците октомври и ноември, сите процеси за сите учебници да завршат во националната Комисија, но и во процесот на печатење. Според него проблемот за учебници не е само за основното, туку и во средното образование.
Министерот Шаќири најави формирање на Совет кој ќе ги решава проблемите со учебниците.
„Мислам дека во најбрзо време ќе формираме Совет за целиот проблем кој не е проблем само за оваа учебна година, и тој мора конечно да се реши за цело основно и средно образование. Со формирањето на Советот ќе се координираат сите активности бидејќи се не зависи од МОН, туку и од други институции“,
нагласува министерот Шаќири.
Според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно, за учениците од второ и од петто одделение оваа учебна година има нови наставни програми. За овие ученици, како и за тие од прво и четврто одделение, бидејќи учебниците доцнат, а за да се задржи континуитетот на наставата, Министерството за наука (МОН) заедно со Бирото за развој на образованието подготви соодветни наставни материјали од кои учениците учат од почетокот на учебната година.