На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за бараното зголемување на платите на просветните работници од 18 отсто, Шаќири рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение
Дали штрајкот ќе биде повторно активиран тоа ќе зависи од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Се е отворено, сè уште не можам да дадам ветувања за една или друга опција, рече претходно претседателот на СОНК
Продолживме со разговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, очекувам да имаме конечен договор, изјави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по новата рунда преговори со делегација на СОНК.
„Во оваа фаза на процесот на преговори, во текот на 20-те дена, се отворија многу дискусии кои се однесуваат и на колективните договори, кои не се потпишани повеќе од десет години и мислам дека ќе има нов колективен договор во наредниот период и кога ќе имаме договор ќе имаме за што да продолжиме со разговори“,
изјави Шаќири.
На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за бараното зголемување на платите на просветните работници од 18 отсто, Шаќири рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение.
„Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема“,
истакна Шаќири.
На седница на Владата, потенцира министерот, е донесена одлука која се однесуваше за средните училишта, одлука за тие што завршуваат четврта година. Рече дека е побарано мислење од Бирото да најде начин за комуникација со сите основни училишта за тоа до каде е фазата на реализација на програмите на основните училишта и да се разгледа можноста ако може да постигнат наставата да се заврши до предвидениот рок.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков претходно изјави дека преговараат буквално за сите прашања и усогласиле генерално некои ставови во однос на колективните договори и што ќе има во нив, меѓутоа тие не се до крај прецизирани.
„Треба да завршат и да бидат потпишани во периодот меѓу 1 и 31 септември. Има некои технички проблеми, мора да започне учебната година, па за да се реализираат тие одредби од колективниот договор. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози, како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се враќаме во Министерството за финансии за анализа и проверка на тоа колку средства ќе бидат потребни, и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени и коефициенти на инфлација, пораст на минимална плата итн., коешто би функционирано во наредниот период. Тоа се точките за кои разговаравме. Не се надевам, туку мора веќе да завршиме идната недела, а јавноста ќе биде запознаена. Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, тоа сепак ќе зависи од резултатите од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Се е отворено, се уште не можам да ви дадам ветување за опција“,
истакна Неделков.
Штрајкот на вработените во основното и средното образование, Синдикатот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок од 10 дена истече во неделата, по што СОНК и МОН се договорија да ги продолжат преговорите за уште десет дена.
Просветните работници бараа покачување за 18,4 отсто, а властите ветија 12 отсто, но досега не дојде до заеднички договор.