Доколку од некои причини не можат да бидат членови на Комисијата, Сали им предлага да станат дел од неговиот тим на советници

Јавна покана до докторите Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да бидат дел од новата Комисија за заразни болести, попладнево упати новиот министер за здравство, Беким Сали.
По преземањето на функцијата од Венко Филипче, Сали најави дека ќе го прошири составот на ова советодавно тело, а во попладневното обраќање преку социјалните мрежи вели дека непобитен факт е дека сегашните околности бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки.
„Оттука, како министер најавував дека промените во ова тело ќе бидат во насока на проширување и дополнување на неговиот состав, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Заради ефективност и успешност на овој процес, би сакал јавно да ги поканам и угледните професори д-р Драган Даниловски, д-р. Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа. Чест и задоволство ми е јавно да го упатам повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести. Гласот на науката е клучен во борбата против ковид-19. Да го искористиме на најдобриот начин“,
повика Сали.
Доколку не можат да бидат дел од Комисијата, Сали им предлага да станат дел од неговиот тим на советници.