Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март требало да присуствува на настан на ОН за жени во Њујорк, САД. Темата била „Зајакнување на промените: Отклучување на трансформативното родово влијание во Западен Балкан и Источна Европа во организација на Молдавија“, а Лимани бил планиран како панелист
„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со министерот Лимани за да го прашаме за причината поради која бил одбиен за виза, дали добил некакво објаснување, но тој не одговори на нашите повици и пораки

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март (вчера) требало да присуствува и да има свое обраќање на настан на ОН за жени во Њујорк, САД, но не отпатувал бидејќи бил одбиен за виза. Информацијата дека Лимани не добил американска виза на социјалната мрежа Фејсбук ја споделија од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, поранешната матична партија на Лимани.
„Дали ти дадоа американска виза, Фатмир? Дали Али Ахмети е виновен за вашите скандали?“,
прашаа од „Европскиот фронт“.
На ова реагираше министерот Лимани, кој на својот личен фејсбук-профил, како главен виновник за тоа што не добил виза, го посочи својот роднина – лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“,
реагираше Лимани на Фејсбук.
Реакции
Фактот дека Лимани не добил американска виза, за Алијанса за Албанците на Зијадин Села претставува шокантна вест и државен скандал. Од партијата оценуваат дека тоа е сериозен удар врз имиџот на државата, „срам за институциите и алармантен показател за меѓународната дискредитација на оваа власт“ и го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да го разреши министерот доколку самиот не си поднесе оставка.
„Наместо да даде јасни објаснувања и да преземе одговорност, министерот Лимани ја одложи својата реакција и вечерта на социјалните мрежи призна дека има ‘ограничени движења’ поради неговото политичко минато, наводно обвинувајќи го својот поранешен ангажман. Ова е чиста манипулација! Единствениот важен факт е дека на владиниот министер му е забранет влезот во САД – стратегиски сојузник и клучен партнер на Северна Македонија. Ова не може да помине без последици! Бараме итна оставка или разрешување на Фатмир Лимани! Ова не е само личен неуспех од негова страна, туку црна дамка на целата влада. Молкот на премиерот и неговите партнери покажува или неспособност да се справат со оваа криза, или страв да се каже вистината“,
реагираа од партијата на Зијадин Села.
Со реакција се јавија и од опозицискиот СДСМ од каде што ја повикаа Владата да не молчи за овој скандал и за причините кои лежат зад оваа драматична одлука.
„Ова отвора сериозни прашања за кредибилитетот на владините претставници и за политиката што ја води Мицкоски. Доколку тој навистина ужива поддршка од американската администрација, како што често тврди, сега е моментот да го докаже тоа со конкретни чекори. Во спротивно, неговата тишина само ќе потврди дека во Владата се толерираат контроверзни личности. Јавноста има право да знае: кои се причините поради кои Лимани е прогласен за непожелен во САД? Дали ова значи дека тој е вмешан во скандал што ја загрозува меѓународната репутација на земјата?“,
прашаа од СДСМ и го повикаа премиерот веднаш да го разреши Лимани.
Несуден панелист
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на 11 март требало да присуствува на настан на ОН за жени во Њујорк, САД. Настанот бил организиран од Молдавија, а коорганизатори биле Северна Македонија, Албанија, Данска, Украина, Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Шведската меѓународна агенција за развој (Сида) и ОН за жени (ECARO).

Темата на настанот била „Зајакнување на промените: Отклучување на трансформативното родово влијание во Западен Балкан и Источна Европа во организација на Молдавија“, а Лимани бил планиран како панелист, иако во агендата пишува дека неговото присуство требало дополнително да биде потврдено.

„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со министерот Лимани за да го прашаме за причината поради која бил одбиен за виза, дали добил некакво објаснување, но тој не одговори на нашите повици и пораки.
Испративме и прашање до Владата, дали премиерот Мицкоски има информации за причините поради кои Лимани не добил американска виза и дали ќе има некоја реакција од негова страна, но до објавување на овој текст одговор не добивме.