Според министерот за дигитална трансформација, новите инвестиции во високите технологии нема да значат компромис со животната средина, воздухот и водата
Од ВМРО-ДПМНЕ го посочуваат Драги Ѓорѓиев, пратеник на СДСМ од 2002 до 2006 година, дека е човекот кој стои зад иницијативата за дата-центар во Пехчево

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека земјава ќе продолжи да се развива во дигиталната сфера и оти ќе има нови инвестиции во високи технологии. Неговата најава доаѓа откако денеска Советот на Општина Пехчево, едногласно, со девет гласа „за”, меѓу кои пет од советници на ВМРО-ДПМНЕ, ја тргна од дневен ред точката за изградба на дата-центар во ова населено место.
Андоновски, во објава на својот фејсбук-профил, ги обвини опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче за попречување на инвестициите во центри за податоци.
„СДСМ и Венко Филипче ќе бидат против сѐ во оваа држава, само за Македонија да не успее. За да не успееме како држава тие ќе бидат и против центри за податоци, и против странски инвестиции, и против влез на високи технологии“,
пишува Андоновски.
Тој обвинува дека опозиционерите се и против нови вработувања и сакаат земјата да пропаѓа како што пропаѓала седум години.
Според Андоновски, новите инвестиции во високите технологии нема да значат компромис со животната средина, воздухот и водата.
„Ние не сме луѓе кои ќе дозволат, заради матни тендери, живи да изгорат пациенти во болници. Или да немаат една контрола за чистота на вода со години, а да вршат функција министер за здравство“,
додава Андоновски во објавата.
Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ. И оттаму го обвинуваат лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за кого велат дека заедно со експретседателот на партијата Зоран Заев, сакаат да дојдат до маркици за дата-центри, како што тоа го правеле со лиценците за марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во писменото соопштение, го посочуваат Драги Ѓорѓиев, пратеник на СДСМ од 2002 до 2006 година, дека е човекот кој стои зад иницијативата за дата-центар во Пехчево.
„Драги Ѓорѓиев е испостава на Зоран Заев и Венко Филипче. Додека Венко Филипче ја замајува јавноста со кампања против дата-центрите, негови луѓе поднесуваат иницијативи и бркаат маркици за дата-центри“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму го повторуваат партискиот став дека дата-центри треба да има, но дека мора да се по сите стандарди, надвор од населено место.
„Дополнително оправданоста за истите мора да е силна и да влијае на развојот на локалната заедница. Бенефитот за општеството мора да е голем. Кадрите на СДСМ прават сè спротивно на тоа“,
додаваат од партијата.
На лидерот на социјалдемократите му порачаа „следен пат кога ќе пушта пробни балони и ќе крои политика од јахта нека им каже на неговите пајташи“.
Претходно денеска претседателот на СДСМ, Филипче, во видеообраќање на социјалните мрежи повика на, како што ја нарече, национална мобилизација против ваквите проекти. Филипче вели дека под притисок на СДСМ и неговите советници, како и под притисокот на јавноста, точката е повлечена од дневниот ред на Советот во Општина Пехчево.
Инаку, во Советот на Општина Печхево сите девет советници гласаа точката да биде тргната. Мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ со пет советници, а опозицијата предводена од СДСМ е со тројца претставници. Деветтиот советник е од движењето ЗНАМ, партија која на централно ниво е дел од власта.
