Некој што работел 40 години и некој што работел 15 години не може да земаат исто. Јас сум за праведност и социјална правда. Не може некој што се потрошил 40 години, без разлика дали на машина или во државна институција, да го изедначиме со некој што работел 15 години – рече министерката Јованка Тренчевска на средба со делегација на пензионерите кои протестираа денеска во Скопје
Неколку членови од делегацијата на пензионерите кои денеска во главниот град повторно ги истакнаа своите барања – линеарно зголемување на пензиите од 3 500 денари на основицата на пензијата и зголемување на минималната пензија на 18 000 денари, по протестот ги презентираа барањата на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Тие појаснија дека бараат линеарното покачување да не биде еднократен надомест и побараа од министерката лично да се заложи за нивните барања нагласувајќи дека по првпат од незавнисноста на Македонија пензионерите излегуваат на протест бидејќи просечната пензија е многу ниска, а трошоците со инфлацијата и зголемувањето на ДДВ-то се зголемиле.
Министерката рече дека барањата ќе бидат разгледани, но барањата за линеарно покачување ги нарече противуставни, додека, пак, зголемувањето на минималната пензија неправедно кон оние што имаат 35 или 40-годишен работен стаж. Таа вели, минимална пензија од 12 500 денари сега земаат најголем дел од оние што биле работници со малку стаж и што земале минимална плата.
„И некој што работел 40 години и некој што работел 15 години не може да зема исто. Јас сум за праведност и социјална правда. Не може некој што се потрошил 40 години, без разлика дали на машина или во државна институција, да го изедначиме со некој што работел 15 години… Сега се бунат тие со најниска пензија, потоа ќе дојдат тие што земаат 17.000 и 18.000 денари пензија. Како ќе го затвориме тој круг”,
рече Тренчевска.
Во однос на барањето за линеарано зголемување на пензиите, таа рече дека е противуставно и дека таква одлука во 1998 била поништена од Уставниот суд, но и покрај тоа, таа ќе се обрати до надлежните, а воедно дополни и дека од нејзиното преземање на фунцкијата се бележат видливи резултати и позитивни промени за пензионерите.
„Не кажувам дека е пензијата многу голема, но од 9 000 денари минималната пензија сега е 12 500 денари. Новата методологија е направена токму затоа – пензиите да се зголемуваат двапати во годината, како што растат трошоците на живот и како што расте просечната плата така да се зголемуваат и пензиите”,
рече Тренчевска.
Инаку, денеска претпладне пензионерите на протест побараа усогласување на пензиите согласно објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3 500 денари на основицата на пензијата и минималната пензија да биде 18 000 денари, како и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери.
Како што истакнаа на протестот, Сојузот не ги застапува интересите на пензионерите и затоа побараа да се укине членарината од 30 денари, а средствата за солидарен погреб од 150 денари месечно, наместо во Сојузот, да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.