Во процесот на донесување на Буџетот за 2026 година, министерката за финансии не изврши усогласување на предлог-буџетот во делот Судска власт со претседателот на Судскиот буџетски совет (СБС), како што предвидува членот 15 од Законот за судски буџет, велат од СБД
Судската власт тврди дека годинава побарале буџет од околу 86 милиони евра, што е помалку од законскиот минимум од 0,8% од БДП кој годинава изнесува околу 115 милиони евра. Министерството за финансии одобри само околу половина од бараните пари – приближно 45 милиони евра што е продолжување на праксата од претходните години и влади
Министерката за финансии го прекршила Законот за судски буџет. Тоа е заклучокот од одговорот на Судскиот совет на неколку прашања на „360 степени“, во врска со начинот на кој е изработен предлог-буџетот за Судската власт за следната 2026 година.
Процедурата е уредена во Законот за судски буџет. Судскиот буџетски совет испраќа буџетски циркулар до сите судови и други единици во системот кои до 1 јули треба да вратат проценка за трошоците за следната година.
По добивањето на податоците… Судскиот буџетски совет го изготвува предлогот на судскиот буџет и заедно со образложението за висината на износот го доставува до Министерството за финансии.
Пред доставувањето на предлогот на Буџетот на Република Македонија до Владата на Република Македонија, министерот за финансии задолжително го усогласува делот на средствата „Судска власт” од предлогот на Буџетот на Република Македонија со претседателот на Судскиот буџетски совет,
пропишува членот 15 од Законот за судски буџет.

На прашањата на „360 степени“ како течела постапката, од Судскиот совет, чиј претседател Александар Камбовски е прв човек и на Судскиот буџетски совет, велат:

Во процесот на донесување на Буџетот за 2026 година не е постапено согласно член 15 од Законот за судски буџет, односно министерката за финансии не изврши усогласнување на предлог-буџетот во делот Судска власт со претседателот на Судски буџетски совет.
А, бидејќи немало усогласување, не се испочитувани и следните чекори кои ги предвидува законот.
Со оглед дека не се изврши усогласување, Министерството за финансии нема доставено извештај до Судски буџетски совет, односно нема извештај на кој Судски буџетски совет би изготвил мислење,
одговорија од Судскиот буџетски совет.
Истите прашања „360 степени“ ги постави и до Министерството за финансии. На барањата за коментар за тоа како е постапено за секој од одделните чекори согласно Законот за судски буџет, оттаму не добивме директни одговори.
Наместо тоа, стигна став од кој може да се заклучи дека Министерството за финансии не се раководи од Законот за судски буџет, кој меѓу другото предвидува судската власт да добива годишен буџет од најмалку 0,8% од БДП на земјата.

Во однос на утврдувањето на судскиот буџет како процент од БДП во износ од 0,8%, укажуваме дека одобрениот Буџет на Судската власт, анализирано како процент од БДП е во рамките на европскиот просек кој се движи околу 0,3% од БДП.
Основна цел при подготвување и извршување на буџетот е макроекономската стабилност и обезбедување на одржлив и стабилен национален економски развој… Планираните приходи и другите приливи, стратешките приоритети, како и реалните буџетски можности се основа за утврдување на одобрените средства по буџетски корисници,
одговорија меѓу другото од Министерството за финансии.
Така, без да се почитува процедурата наведена во законот, Министерството за финансии за следната година предложи буџет кој вклучува околу 45 милиони евра за Судската власт. А судската власт барала околу 86 милиони евра, велат од Судскиот совет, што повторно е помалку од околу 115 милиони евра колку што изнесуваат 0,8% од БДП според податоците од минатата година.
Темата за буџетот за судството се разгоре по последниот извештај на Европската комисија, во кој Брисел препозна поткопување на финансиската автономија на судството од страна на другите власти. Едноставно, државата не ги дава парите за судството кои со закон се загарантирани. А, дури и извршната власт да ги даде тие 0,8%, судството повторно е целосно зависно од Министерството за финансии кое мора да го одобри секое вработување на кадар.

На нашите прашања за коментар по извештајот на ЕК и за идејата за независен буџет, од Судскиот совет ни одговорија:
Судски буџетски совет се залага за целосна финансиска самостојност и независност и во таа смисла целосно се согласуваме со коментарот на ЕК дека независноста и автономијата во финасирањето се поткопани од другите власти. Согласно реформската агенда во Министерството за правда работна група подготвува измена и дополнување на Законот за судски буџет, со што се очекува дека за судската власт ќе се обезбеди стабилно, долгорочно и соодветно финансирање.
Судски буџетски совет се согласува со предлогот судската власт да добие независен буџет по моделот на финансиската независност на Собранието на РСМ. Впрочем СБС достави свој предлог до Министерството со цел остварување на уставната и законската рамноправност на трите власти- законодавна, извршна и судска власт,
велат од Судскиот совет на РСМ.
Додека Судската власт бара независен буџет и почитување на актуелниот Закон за судски буџет, сигналите од Владата одат во друга насока. Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати ги изедначи буџетските барања на судството со барање само за поголеми плати на судиите. Најави дека ќе се преиспита законскиот минимум од 0,8%, кој патем не се почитуваше од ниедна влада досега.

Но, според ставот кој „360 степени“ го доби од Министерството за финансии, Владата размислува да воведе буџет за судството по учиник, односно условен од резултатите.
Процентуалното пресметување на буџетот на судската власт во однос на БДП не обезбедуваува гаранција за економично, наменско и рационално трошење на буџетските средства, туку истото обезбедува пат на следење на индикатори на успешност. Буџетирањето базирано на резултати би ја подобрило ефикасноста и ефективноста на судската власт преку поврзување на трошоците со резултатите што се постигнуваат…
одговорија од Министерството за финансии.
Министерството за финансии ја потврдува заложбата на Владата за спроведување на суштински и одржливи реформи во правосудниот систем во согласност со Планот за раст и европските стандарди,
