Разликата во процентите согласно спроведениот попис, рече тој, кај Македонците е од 54, 21 отсто на 58,44 отсто, Албанци од 29,52 отсто на 24,30 отсто, Турци од 3,98 отсто на 3,86 отсто, Роми од 2,34 отсто на 2,53 отсто, Срби од 1,18 отсто на 1,30 отсто, Власи од 0,44 отсто на 0,47 отсто и Бошњаци со идентичен процент од 0,87
Институциите од јавниот сектор до Министерството за јавна администрација испратиле 120 годишни планови за вработување на одобрување, но само пет од нив добиле позтивно мислење. Останатите 115 се вратени на доработка, најчесто поради погрешно впишан процент на етничка задница т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на балансерот, информира денеска на прес-конференција ресорниот министер Горан Минчев.
Тој потсети дека според новиот начин на пресметка на балансерот, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021.
Разликата во процентите согласно спроведениот попис, рече тој, кај Македонците е од 54,21 отсто на 58,44 отсто, Албанци од 29,52 отсто на 24,30 отсто, Турци од 3,98 отсто на 3,86 отсто, Роми од 2,34 отсто на 2,53 отсто, Срби од 1,18 отсто на 1,30 отсто, Власи од 0,44 отсто на 0,47 отсто и Бошњаци со идентичен процент од 0,87.
„Институциите од јавниот сектор се известени, односно им се вратени на доработка годишните планови со цел да ги усогласат со коригираните податоци во нововграденото решение за балансерот, согласно резидентното население на територијата на Република Северна Македонија. Ги повикувам институциите од јавниот сектор да постапат по нашите забелешки, укажувања и инструкции и во најкраток можен рок да ги достават повторно на одобрување до Министерството за јавна администрација“,
истакна Минчев.
На прашањето дали има големи отстапувања од дозволената застапеност на етнички заедници и како ќе се постапи ако има прекршување, Минчев го посочи новото Министерство за јавна администрација, што го предводи, како пример за злоупотреба на балансерот. Како што рече, од 100-процентна вработеност во МЈА во моментов, од 43 до 45 проценти се вработени од етничките заедници, со што Балансерот е злоупотребен.
„Тоа е предмет на ревизија, досегашните анализи покажуваат дека од 100-процентната вработеност, околу 18 до 19 проценти ја имаат злоупотребено можноста за искажување етничка припадност, односно злоупотреба на балансерот. Тие се во редовен работен однос, секако дека ќе останат на работа, меѓутоа нужно е да укажеме дека во минатото балансерот бил злоупотребуван и токму оваа постапка што ја правиме за враќање на годишните планови за вработување и нашите укажувања до институциите од јавниот сектор е за спречување на повторно таква злоупотреба на балансерот“,
рече Минчев.
Во август 2022 година, тогашниот министер Адмирим Алити направи измени на процентите во алатката балансер за вработување во јавните институции, каде што беше земен предвид бројот на вкупно попишаното население од пописот минатата година, а не само резидентното.
По ова реагираше директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој истакна дека единствена валидна категорија е резидентното население и тоа е согласно сите стандарди на Обединетите нации.
Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека се менуваат бројките во балансерот да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година.
„Од денеска бројките во рамки на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата попишани во држави како Швајцарија, Германија, Италија нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија“,
изјави тој на 28 јуни.