Милошоски потсетува дека Македонија и САД во 2008 година потпишаа документ за стратешко партнерство и нагласува дека тој взаемно-корисен однос треба да се одржува и продлабочува, без разлика на менувањето на владите и претседателите во двете земји
Тоа што Пендаровски јавно пласира навреди за САД и за нивниот новоизбран претседател може да се смета и како имплицитен став на СДСМ, но и како слобода на говорот. Сепак, владата на секоја демократска држава, во случајов САД, е прашање на избор на американските граѓани и Пендаровски, без разлика што е близок со тимот на Сорос, нема право да го оспорува демократскиот легитимитет на претседателот и владата на САД, реагира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на вчерашните ставови на поранешниот претседател Стево Пендаровски изнесени во интервју за Дневникот на Сител.
„Пендаровски во 2020 зборуваше дека е ‘ван памет’ да се зборува за промена на македонскиот Устав во контекст на бугарското вето; тврдеше дека ги има сите информации од средбите со официјални лица од Бугарија и дека такво барање за Уставот не било ставено на маса. Потоа наведна глава пред потписот на Бујар Османи и стана главен промотор за смена на Уставот на Македонија. Затоа, проценките на Пендаровски треба да се земаат со голема резерва, бидејќи немаат доследност, а имаат повеќе оговарачка, отколку аналитичка основа“,
напиша Милошоски на Фејсбук.
Тој потсетува дека Македонија и САД во 2008 година потпишаа документ за стратешко партнерство и нагласува дека тој взаемно-корисен однос треба да се одржува и продлабочува, без разлика на менувањето на владите и претседателите во двете земји.
„Затоа Пендаровски, ако не може или не сака да ѝ помага на Македонија на меѓународен план, барем нека не ѝ одмага, како во времето кога главни советници за надворешна политика му беа Фрчкоски, Ана Чупеска и Артан Груби, како експерт за пари и ресурси“,
додава Милошоски во реакцијата.
Поранешниот претседател вчера во интервју за Сител изјзави дека е загрижен од позиционирањето на власта во однос на администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп. Ставот на премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Америка, дека треба да се навикнеме на ова ново нормално и дека тоа ново нормално ќе го преплави светот, е опасна теза, смета поранешниот претседател Стево Пендаровски.