Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антониjо Милошоски вели дека објавените телефонски разговори на премиерот Зоран Заев со руските комичари се сериозен дипломатски скандал за кој освен премиерот, одговорност треба да понесат министерот за надворешни работи Никола Димитров и дипломатскот советник на премиерот Дане Талески.
„Не може да се случи трипати во низа, во август 2018, јануари 2019 и април 2019, разговор со лажен претседател на Украина, што значи развиена е меѓусебна доверба и откривање многу чувствителни информации“,
рече Милошоски.
Според него, нанесена е штета на угледот на државата и на репутацијата на македонската дипломатија.
„Исто така, доколку Заев потврди дека неговиот глас е автентичен, изнесени се во јавност чувствителни дипломатски и безбедносни информации, и нанесена е штета на довербата од трети држави кон Македонија, бидејќи се споменуваат и поединци и функционери од САД, Германија, Србија, Русија, Грција и други држави“,
додаде Милошоски.
Милошоски смета дека Заев морал да знае или да биде поучен од своите советници, дека меѓудржавни телефонски комуникации се остваруваат според предвиден дипломатски протокол. Тој побара Заев да си поднесе оставка, или како што рече, во најмала рака неговиот советник Талески и министерот за надворешни работи Димитров, да понесат одговорност, поради, како што додаде Милошоски, „грубото непознавање на меѓудржавните комуникации“.