„Тоа што го имаме како информација, неофицијално од МНР, е дека претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи веќе се усогласиле Виктор Димовски да не биде амбасадор на Македонија во Париз. Но, дали имаат донесено одлука кој треба да биде следен амбасадор, за тоа немаме информации“, изјави на прес-конференција претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, не очекува дека поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, ќе остане кандидат за амбасадор во Франција.
Комисијата за надворешна политика денеска одржа седница на која тезите за своите амбасадорски активности ги бранеа кандидатите за амбасадори на земјава во Шпанија и во Словенија, Едмонд Адеми и Горан Милевски.
На седницата, свое излагање, како што изјави Милошоски денеска на прес-конференција, требало да има и Димовски.
„Ние како Комисија за надворешна политика закажавме седница која е, да кажам, на одредена пауза, и на којашто седница свое излагање требаше да има и кандидатот за амбасадор Виктор Димовски за Париз, Француска Република. Но, чекавме сигнал од Владата и од министерот за надворешни работи и од претседателот, дали по скандалот е останат на своето убедување и одлука дека тој треба да биде амбасадор во Франција“,
рече Милошоски.
Тој, повикувајќи се на неофицијални информации од МНР, рече дека претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи наводно се усогласиле Димовски да не оди за амбасадор во Париз.
„Тоа што го имаме како информација, неофицијално од МНР, е дека претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи веќе се усогласиле Виктор Димовски да не биде амбасадор на Македонија во Париз. Но, дали имаат донесено одлука кој треба да биде следен амбасадор, за тоа немаме информации, иако мое лично мислење е дека во самото МНР има добри кандидати кои би можеле да бидат сериозни амбасадори на Македонија во Париз“,
изјави Милошоски одговарајќи на новинарско прашање, пренесува МИА.
Неговите очекувања се како кандидат да биде предложен дипломат од кариера од Министерството за надворешни работи.
Заминувањето на Димовски за амбасадор во Франција, иако се сметаше за извесно бидејќи за него бил добиен агреман од официјален Париз уште минатата година, постапката се одолжи по избивањето на скандалот со контроверзниот Украинец Олексеј Онишченко. Бизнисменот кој е на црната листа на САД доби македонско државјанство, за што согласност дала и Агенцијата за национална безбедност додека со неа раководеше Димовски.
За бавното пополнување на амбасадорските места во клучни држави, Милошоски вината ја лоцираше во немањето капацитет кај власта и проблеми внатре во владината коалиција кога станува збор за овие прашања.
„Мислам дека две места, кои веќе ги набројав како важни дипломатски места – Вашингтон, како дипломатска дестинација којашто четири и пол години не беше пополнета и во моментов Пекинг, којашто три и пол години не е пополнета, покажуваат дека власта нема капацитет, има внатрешни меѓукоалициски проблеми по однос на делегирањето на амбасадори. Собранието не е проблем за хендикепот којшто го имаат МНР, Владата и претседателот“, рече Милошоски.