Пендаровски навести, а од Владата потврдуваат дека постои интерес за одржување сесија во парламентот во врска со релациите со Софија, но нема информации пред кој форум би реферирале владините претставници и дали тоа би било на затворена или на јавна седница
Во Собранието се подготвува терен за отчет на владини претставници за разговорите со Софија, по новата блокада за почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ и последите најави дека сега акцентот е ставен на Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, додека да завршат изборите во Бугарија, закажани за почетокот на април.
Од „Илинденска“ дојдоа најави дека претставници на Владата се подготвени пред пратениците да презентираат информации поврзани со преговорите со Бугарија.
„Во комуникација, е потврдено дека постои интерес за одржување сесија во Собранието. Периодов ќе следи усогласување на термините согласно со агендите, по што јавноста ќе биде информирана“,
изјавиле од Владата за МИА.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски рече дека, според негови сознанија, најверојатно следната недела Акцискиот план со Бугарија ќе се најде пред собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика.
„Она што го знам како последна информација е дека најверојатно следната недела, ќе реферираат пред на собраниската Комисија за европски прашања или во Комисијата за надворешна политика двајцата во оваа смисла надлежни министри, значи Димитров за евроинтеграции и Османи…,“
рече Пендаровски, додавајќи дека одлука на членовите на Комисијата е дали седницата ќе биде отворена или затворена за јавност.
Претседателот не гледа причина зошто да нема седница на која ќе се информира за тековните активности со Бугарија.
„Мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Нема причина зошто да не се случи. Тоа е нивна практично и тековна обврска одвреме-навреме да ги информираат законодавниот дом и пратениците. Значи, ќе има таква сесија, на која сигурно ќе се разговара и за најновиот развој на настаните во таа смисла, во смисла на документи“,
рече Пендаровски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави деновиве дека очекува во наредниот период акцент да се стави на Акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, за да се создадат предуслови за решавање на разликите што постојат со Бугарија во однос на преговарачката рамка.
Од друга страна, одговарајќи на новата покана од Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за седница во парламентот за бугарско-македонскиот спор, Османи нагласи дека е подготвен низ транспарента постапка да ги отворат сие прашања поврзани со надворешната политика низ почести средби и тематски седници, во рамки на Комисијата за надворешна политика.
Милошоски и во овој собраниски состав ја предводи собраниската Комисија за надворешна политика, додека на чело на Комисијата за европски прашања е Арбер Адеми од ДУИ.