Партијата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ повеќе нема да ја поддржува владата на премиерот Дритан Абазовиќ, одлучи на денешната седница претседателството на Демократската партија на социјалистите (ДПС). Причина за тоа е неприфаќањето на Темелниот договор меѓу Црна Гора и Српската православна црква кој во петокот го усвои кабинетот на Абазовиќ. Во официјалното соопштение по седницата на претседателството на ДПС се вели дека владата повеќе не ја ужива поддршката од оваа партија.
„Го изразуваме нашето жалење поради промената на политичкиот курс на Владата на Црна Гора, спротивен на политичката спогодба за нејзиното формирање. Владата, наместо да ја исполнува приоритетната задача, а тоа е агендата за евроинтеграции, набрзина и без консултации со стручната јавност склучи Договор со СПЦ, причинувајќи им непроценлива штета на државните интереси на Црна Гора. Со тоа, наместо градење силен консензус за граѓанска и проевропска политика, на сцена се враќаат автодеструктивните и стари поделби. Ја овластивме пратеничката група на ДПС да ги преземе сите адекватни правни задачи за одлуката за ускратување на поддршката на Владата да биде операционализирана во Собранието на Црна Гора”,
се вели во заклучоците кои ги усвои претседателството на ДПС.
Црногорската влада е малцинска и зависи од поддршката на ДПС, која не е членка на владејачката коалиција. Без гласовите на пратениците од партијата на Ѓукановиќ, Абазовиќ може да смета на само 30 народни избраници. Црногорскиот парламентот е составен од 81 пратеник.