Актуелниот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков оценува дека сега е шансата да се решат проблемите меѓу Северна Македонија и Бугарија, кои како што вели постојат со децении , но не биле сериозно адресирани. Тој во интервју за БНТ, вели дека поставен е широк терен да се продолжи со работа за расчистување на спорното прашање и очекува напредок. Милков ја обвини опозицијата во земјава дека шири лажни тези и дезинформации.
„Што се однесува до нашата работа со владата на РСМ, загрижувачки се обидите на опозицијата да ги искористи ставовите на дел од населението за различни цели. Има сили кои со силен отпор поставуваат лажна дилема – европско членство или идентитет на РСМ. Не е така, европското членство се поврзува со преоценување на минатото и со голем број пропагандни клишеа. Пред да влезе во ЕУ, секоја земја мора да се раздели со дел од овие лажни парадигми во историскиот процес“
вели Милков.
Милков потенцира и дека очекува национален консензус во земјава во однос на преговорите со Бугарија.
„Би сакал да се формира национален консензус во РСМ, бидејќи не можеме да се потпираме и да разговараме само со една политичка партија, треба да разговараме како држава со држава“
потенцира Милков.
Во однос на случувањата со регистрацијата на бугарските здруженија во земјава, Милков вели дека внимателно ја следат ситуацијата. На прашање на новинарот на БНТ дали ќе има реакција од бугарска страна зошто Обвинителството отвора истрага за финансирањето и регистарцијата на здруженијата, Милков повика на воздржување на практики од минатото.
„Внимателно ја следиме ситуацијата која е поврзана и со центарот „Иван Михаилов“ и со здружението „Цар Борис“. За мене барањата се резултат на сите тие политички процеси кои се случуваат таму. Да не се случи луѓето кои се со бугарска самосвест во Северна Македонија да ја изгубат вербата во институциите кои треба да ги штитат и нивните права. Значи ако има конкретни сигнали за нарушувања, кои ќе бидат проценети како такви, се разбира дека ќе реагираме. Во моментов следиме со сериозно внимание и даваме сигнали дека треба да се воздржиме од практики од минатото,“
вели Милков.