Во однос на другите кандидати, јас сум во предност во однос на нив. Сите структури долго ме познаваат. Јас бев булдожерот на СДСМ во сите овие години, вели долгогодишниот организациски секретар на СДСМ во интервју за ТВ24
Поранешниот долгогодишен организациски секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, вечерва во гостување на ТВ24 рече дека подготвува кандидатура за лидер на партијата.
Тој остава простор до петок да поднесе кандидатура, со објаснување „дека има време и дека ги прави последните анализи“.
„Клучен момент што ќе пресече е да го почувствува импулсот на членството во овој момент. Во однос на другите кандидати, јас сум во предност во однос на нив. Сите структури долго ме познаваат. Јас бев булдожерот на СДСМ во сите овие години“,
рече Зечевиќ.
Зечевиќ беше дециден дека не е заинтересиран за премиерската позиција и смета дека единствено со Зоран Заев на премиерката функција ќе се сочува заедништвото на партијата.
„Добро би било за нас како партија да го продолжиме процесот и сум убеден дека никој освен Зоран Заев не може да ја води владата за во 2024 да излеземе на редовни парламентарни избори. Тоа е мојт став и позиција. Секое друго решение го сметам како решение кое ќе не воведе во предвремени парламентарни избори“,
рече Зечевиќ.
Претходниот петок Заев ја официјализираше оставката на позицијата лидер на СДСМ, што ја поднесе ноќта на 31 октомври, по завршувањето на вториот круг од локалните избори, по што беа закажани вонредни внатрепартиски избори што ќе се одржат на 12 овој месец.
Денеска Димитар Ковачевски поднесе кандидатура за лидер на СДСМ, а претходно тоа го направи и Фросина Ременски, која моментно не е дел од партиското раководство.