На Радоичиќ му е одредена мерка забрана за напуштање на местото на живеење, со која му е забрането да ја напушта територијата на Република Србија без одобрение од судот и му е забрането да оди на територијата на Косово. Исто така, има наредба секој 1 и 15 во месецот да се јавува во надлежната полициска станица, се вели во соопштението од Вишиот суд
Вишиот суд во Белград го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство да определи притвор за Милан Радоичиќ и тој е пуштен да се брани од слобода, се вели во соопштението од Вишиот суд во Белград.
„На Радоичиќ одредена му е мерка забрана за напуштање на местото на живеење, со која му е забрането да ја напушта територијата на Република Србија без одобрение од судот и му е забрането да оди на територијата на Косово. Исто така, има наредба секој 1 и 15 во месецот да се јавува во надлежната полициска станица“,
се додава во соопштението.
Исто така, во соопштението се вели и дека на Радоичиќ привремено му е одземена патната исправа, поточно пасошот на Република Србија, а обвинетиот е предупреден дека може да му се одреди притвор доколку ги прекрши забраните и обврските.
Во соопштението се наведува дека против оваа одлука е дозволена жалба во рок од три дена од приемот на решението.
Претходно беше соопштено дека Милан Радоичиќ (45) е обвинет оти од јануари до 24 септември годинава од Тузла набавил оружје, муниција и експлозиви со голема разорна моќ.
Милан Радоичиќ (45) вчера беше уапсен и сослушан во Вишото јавно обвинителство. Тој негирал дека ги извршил делата за кои е обвинет. Обвинителството по сослушувањето му предложи на судијата по претходна постапка на Вишиот суд во Белград на осомничениот да му одреди 48-часовен притвор поради опасност од бегство.
Претходно, на 29 септември, потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово, а неговата изјава за медиумите ја прочита неговиот адвокат Горан Петронијевиќ.
Еден ден подоцна, Радоичиќ, одговори на поканата на институциите на Србија и во својство на граѓанин даде изјава за околностите на нападот во селото Бањска на 24 септември.
Од Министерството за внатрешни работи на Србија, посочувајќи дека за исказот кој Радоичиќ го дал во присуство на својот адвокат, рекоа дека преку писмен извештај ќе биде известено Вишото јавно обвинителство Белград, кое ќе преземе натамошни мерки.
На 24 септември, во селото Бањска беше убиен косовски полицаец, по што следеше акција на специјалните единици на косовската полиција насочена кон вооружена група која се обиде да најде засолниште во манастирот Бањска. Во акцијата загинаа уште три лица.