Мијалков во својот исказ ја наметна и темата дека во земјава имало други системи за прислушување и раскажуваше дека во 2014 година израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, па, кога ја вклучила, детектирала дека има уште три други системи
Поранешниот директор на сега згаснатата УБК, Сашо Мијалков, отфрли каква било вмешаност во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите.
Тој во своето денешно сведочење во Основниот кривичен суд во Скопје за предметот „Таргет-Тврдина“, каде што е обвинет, излезе и со тврдење дека во земјава постоела можност да се прислушувало со туѓи, односно со системи кои не се во сопственост на МВР.
Тој започна со отфрлање на тврдењата во обвинението дека ја формирал групата која го спровела незаконското прислушување со тврдења дека не ни познавал голем дел од обвинетите лица вработени во УБК, каде што беше директор речиси 9 години. Контрапродуктивно е, рече Мијалков, да се формира толку голема група за таква цел, а уште повеќе тоа да се направи со лица меѓу кои има и такви што не ги познавал.
Тој тврди дека ниту имал техничка можност ниту наредил некому да прислушува.
„Јас никогаш не сум имал ниту техничка можност ниту привилегија да можам да дадам или да издадам наредба за следење на комуникација во системот за следење во УБК. За да нема какво било недоразбирање, сакам да потенцирам и со највисок степен на одговорност да потврдам недвосмислено и категорично дека никогаш никому на никаков начин, ниту писмено ниту усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на каква било комуникација, за што во текот на цела оваа постапка не видовме ниту еден материјален и вербален доказ“,
се бранеше Мијалков.
Тој дури и тврдеше дека речиси и да не го користел својот компјутер во канцеларијата, а не пак да следи нечија комуникација.
„Во принцип, познавајќи се себеси и својот карактер, немам интерес да следам чија било комуникација. А и не сум човек кој во своето секојдневие функционира користејќи компјутер. Она што го користам на дневна основа е телефонот, следење на интернет, мејл… Во текот на моето скоро деветгодишно раководење со УБК, можеби само неколкупати сум го вклучил компјутерот кој беше во мојата канцеларија за овие потреби кои ги споменав“,
рече Мијалков.
Во својот исказ Мијалков ја наметна и темата дека во земјава имало други системи со кои се прислушувало. Тој ова го наметна зборувајќи како во 2014 година израелска компанија презентирала опрема во неговата канцеларија, па кога ја вклучила детектирала дека има уште три други системи.
„Со оглед на тоа што таа опрема има и таква компонента, ни потврдија дека во истиот тој момент работат други три системи за кои мислеа дека се тактичка опрема на УБК и со тоа сакавме да провериме дали нивната опрема ќе ги детектира. За жал, тоа не беа системи на УБК. Преку овој настан сакам да потврдам дека моите сознанија се дека е можно преку опрема која не е на МВР да била следена комуникацијата“,
рече Мијалков.
Тој за ова зборуваше и кога одговараше на прашањата на обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска, па нагласи дека од компанијата им кажале дека има такви три системи кои работеле тогаш, но не може да каже дали тие следеле или не. За средбата со Израелците, рече Мијалков, има и извештај во кој се споменува тоа. Тој документ се очекува да биде презентиран во дополнение на доказната постапка.
Освен за прислушувањето, бившиот шеф на тајната полиција во „Таргет-Тврдина“ се товари и за уништувањето на опрема за прислушување, со што биле уништени и докази. Но, тој се бранеше дека ако навистина се следело незаконски, уништувањето на еден од системите немало да им помогне да ги сокријат доказите. Тој тврди дека многу едноставно можело да се утврди дали цедињата со „бомбите“ биле снимени во УБК, од каде што „свиркачот“ Звонко Костовски рече дека ги снимал материјалите и ги изнесувал. Тие цедиња, вели Мијалков, може да се споредат со цедиња на кои претходно биле снимани разговори од ПИ-мерки за други предмети си таа иорена, какви што има во судот, па да се споредат дали се снимени на исто место.
Во сведочењето тој се бранеше и дека неговите информации се оти системот кој бил уништен не бил во целосна функционалност, како и дека комисијата ги уништила врз основа на стручни анализи, а нагласуваше и дека не бил многу во тек со таа работа.
Во текот на испрашувањето од обвинителката Ленче Ристоска, тој се согласи дека, доколку имало пропусти во работата на УБК, директорот има одговорност, но во случајот тврди тоа е за несовесно работење, а не за делата за кои е обвинет: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувања и за примање награда за противзаконито влијание.
„Се согласувам дека, ако се случат некои пропусти, директорот има одговорност, но она што ми го давате како квалификација во вашето обвинение не е соодветно. Ако требаше да поднесам таков тип одговорност, тогаш во обвинението требаше да има друга квалификација, а тоа е несовесно работење во службата. А за овие квалификации што ги имате наведено јас не видов ниту еден материјален или вербален доказ“,
рече Мијалков.
Своето сведочење Мијалков го заврши со исказ дека не се согласува оти во земјава имало незаконско следење на комуникациите.
Со тоа заврши речиси целосната доказна постапка во „Таргет-Тврдина“. Претходно сведочеше и обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во делот за уништување на опремата.
На наредното рочиште ќе се презентираат уште два докази, а потоа ќе следува и дополнение на доказната постапката, по што наскоро ќе се почне и со заврши зборови.
Покрај Мијалков и Јанкулоска, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.