Во судница адвокатите и обвинетите ќе ја презентираат својата теорија на одбрана во завршни зборови закажани за 5 април, по што судот ќе треба да закаже и рочиште за изрекување на пресудата
Единствен доказ е дека нема доказ дека обвинетите го сториле кривичното дело, е првичниот коментар од адвокатите на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за завршните зборови на обвинителството во предметот „Трезор“ кој се однесува на набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија во 2010 година.

Мијалков во случајот е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања, дело за кое на обвинителна клупа друштво му прави и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, како и шефот на неговиот кабинет и поранешен началник на оддел во Управата, Тони Јакимовски кој се гони за помагање. Обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања е и бившиот началник на Петата управа во УБК, Горан Грујевски, кому му се суди во отсуство со оглед дека избега во Грција.
Обвинителството ги гони дека наместо на најекономичен начин опремата да ја набават опремата од британската фирма „Гама Итенрнешнл“, тие договориле набавката да оди преку фирма-посредник со што била платена повисока цена и е нанесена директна штета на буџетот.
Меѓутоа, одбраната на Мијалков тврди дека во неговиот случај нема кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од позиција на директор на УБК бидејќи станува збор за дело кое е општо и ако го има тоа треба да биде поврзано со прекршување на друг закон или подзаконски акти.
„Обвинителот убаво наведе дека ова кривично дело спаѓа во главата на кривични дела кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувања и притоа наведе дека објектот на заштита се однесува на совесно и законско исполнување на функцијата на која се наоѓа функционерот, а притоа незамисливо за одбраната е што во самиот обвинителен акт нема ставено ниту една повреда која ја сторил Сашо Мијалков во врска со неговата функција. Имено, ова кривично дело е општо и самото по себе не претставува кривично дело доколку не упатува на друга норма односно одредба која се наоѓа во друг закон или подзаконски акт каде истата е детерминирана како повреда“,
изјави адвокатот Љупчо Шврговски додавајќи дека таква е одлуката во однос на ова дело и на судот во Стразбур, што е правнообврзувачки и за нашата земја.
Бранителот тврдеше и дека обвинителот кажал лага кога рекол дека Мијалков усно му наредил на тогашниот помошник-министер во МВР одговорен за јавни набавки, Ѓоко Поповски, да започне со постапка за набавка на опремата.
„Јавниот обвинител презентира ноторна невистина. Никаде од неговиот исказ (на Ѓоко Поповски) не произлезе заклучок дека Сашо Мијалков усно му наложил да ја отпочне постапката бидејќи набавката се реализира преку МВР, а не преку УБК“,
рече адвокатот.
Шврговски пред медиумите оспоруваше уште едно тврдење од обвинителниот акт, кое беше посочено и во денешните завршни зборови на обвинителството – дека Мијалков и останатите обвинети биле во Лондон и ја договориле набавката. Но, според адвокатот, обвинителството не успеало да докаже дека тоа е така.
„Од самите докази кои ги презентираше јавниот обвинител, а ги обезбеди преку меѓународна правна помош од британските авторитети, можеше да се заклучи единствено дека ниту Сашо Мијалков ниту преостанатите обвинети не оставиле средба ниту пак договориле набавка на каква било опрема што е предмет на обвинението“,
рече Шврговски.

Обвинителот Артан Ајро, кој заедно со колегата Трајче Пеливанов го застапуваат предметот, зборуваше за меѓународната соработка во судница. Во неговите завршни зборови, потенцираше дека преку инструментот меѓународна правна помош од британското МВР добиле одговор на прашањето дали претставници на нашето министерство оствариле средба со претставници на „Гама Интернешнл“ и оти од одговорот произлегува дека нема физички и електронски доказ за такво нешто. Причината, рече, е што компанијата нема постапка за евидентирање и чување на комуникациите поради општа пракса да се брише кореспонденцијата после 3 години.
Обвинителите во судница, а адвокатите пред новинарските камери, излегоа со спротивставени ставови и за штетата која обвинителството бара да се надомести со конфискации и плаќање од обвинетите.
Во судница адвокатите и обвинетите ќе ја презентираат својата теорија на одбрана во завршни зборови закажани за 5 април, по што судот ќе треба да закаже и рочиште за изрекување на пресудата.
Инаку, фирмата од Скопје која била користена како посредник за набавката е „Финзи“ која е дел од финансиската истрага „Империја“ што ја отвори СЈО, а сега ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Оваа фирма, првично била основа од офшор компанија од САД, како прв управител бил братот на обвинетиот поранешен помошник-министер во МВР, Стајковиќ, а потоа починатиот Коста Крпач. Како краен сопственик, пак, рекоа обвинителите, се јавува бизнисменот Орце Камчев. И Камчев и Мијалков се осомничени во „Империја“.
*Поврзани вести: