Од особено значење е тоа што кредитниот рејтинг е задржан во услови на големо влијание од глобалната ценовна и енергетска криза, посочуваат од Министерството за финансии (МФ), додавајќи оти задржувањето на кредитниот рејтинг се должи на проведувањето добри политики на владеење и кохерентна макроекономска и финансиска политика
Министерството за финансии (МФ) информира дека најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ покажува оти земјава го задржала кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед.
Тоа, како што велат од Министерството, е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс. Од МФ додаваат дека е од особено значење тоа што кредитниот рејтинг е задржан во услови на големо влијание од глобалната ценовна и енергетска криза.
„Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки. Претходно кредитниот рејтинг на РС Македонија го потврди Агенцијата ‘Стандард и Пурс’ на ‘ББ-‘ со стабилен изглед“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Во соопштението на МФ се додава дека „Фич“ во извештајот наведува дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, со што ќе се избалансираат негативните влијанија од конфликтот во Украина“,
„Агенцијата предвидува дека интензивирањето на ефектите на енергетската криза и очекувањата за контракција во еврозоната да влијаат врз растот на македонската економија, кој ќе остане во позитивна зона, а со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, подобрување на надворешната побарувачка, како и со постепената фискална консолидација се очекува растот на економијата да забрза и да достигне 3,2 проценти од БДП во 2024 година“,
нагласуваат од МФ.
Дополнително, од Министерството посочуваат дека Агенцијата предвидува зголемување на странските директни инвестиции до четири отсто од БДП во 2022 година поради континуираните инвестиции во енергетскиот и автомобилскиот сектор.
„Според ‘Фич’ владините реформи, како и поддршката на ММФ преку Линијата за претпазливост и ликвидност (PLL) ќе ја зајакнат фискалната консолидација, што би довело до намалување на фискалниот дефицит и стабилизација на долгот. Усвојувањето на новиот Закон за буџети ќе придонесе за зајакнување на фискалната рамка на земјава преку воведување фискални правила и формирање фискален совет“,
се додава во соопштението од Финансии.
Во врска со буџетскиот дефицит за 2022 година, од МФ велат дека од Агенцијата се наведува оти мерките што ги презема Владата како одговор на ценовната и енергетската криза во износ од 750 милиони евра, ќе влијаат врз буџетскиот дефицит во 2022 година, кој Агенцијата очекува да се намали од 2023 година со повлекување на потребата од мерки за поддршка на населението и компаниите.
„Исто така и во однос на државниот долг ‘Фич’ очекува тој да достигне 55,2 проценти од БДП до крајот на оваа година и 56 отсто од БДП до 2023 година“,
наведуваат од МФ.