Повратот на средствата, велат од Министерството, се врши врз основа на доставено барање од страна на компаниите до Управата за јавни приходи

Околу 20 милиони евра им се исплатени на 119 компании кои во 2023 година уплатиле средства во Буџетот согласно Законот за данок на солидарност, информираат од Министерството за финансии.
Исплатата на средствата се врши врз основа на утврден модел што го договориле Финансии и компаниите.
„Министерството за финансии согласно утврдениот модел, од минатата недела започна со исплата на првиот дел од уплатените средства во Буџетот и досега се вратени вкупно 1,219 милијарди денари. Компаниите во текот на 2023 година уплатија во Буџетот три милијарди денари согласно усвоеното законско решение во Собранието“,
велат од Министерството.
Државата треба да им враќа пари на дел од компаниите откако во февруари лани Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок кој беше воведен од претходната влада како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите што во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра).
По поништување на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да ги врати средствата. Во рамки на транспарентна постапка, заедно со компаниите, беше утврден модел за враќање на средствата во два дела што ќе се реализираат во март 2026 и март 2027 година.
Повратот на средствата, велат од Министерството, се врши врз основа на доставено барање од страна на компаниите до Управата за јавни приходи.
Со поништувањето на Законот за данок на солидарност, државата од Буџетот ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании кои ја платиле оваа давачка согласно сега веќе поништениот закон.
