Албанскиот претседател реагира на студија на „Економист“ според која во 2100 година земјата може да има само 860 илјади жители
Албанскиот претседател Илир Мета реагираше по студијата на „Економист“ во која се предвидува песимистичка варијанта дека Албанија во 2100 година може да има само 860.000 жители.
„Не може да има поголема тага! Место благословено од Бога со извонредна убавина и природно богатство што го немаат многу земји во светот, сè повеќе се напушта“,
напиша Мета на фејсбук.
Тој потенцира дека брзината на стареење во земјата е исто така застрашувачка.
„Албанија се празни и старее со длабоко драматично темпо, како ниедна друга земја во Европа. Стапката на стареење е исто така застрашувачка: просечната возраст оваа година е 37,2 години, но по 10 години се предвидува да се искачи на 42,1 година“,
напиша Мета.
Додава дека иако владите на среднорочен рок може да имаат корист од емиграцијата затоа што фиктивно го намалува нивото на невработеност или ги зголемува приходите од дознаки, во перспектива „доколку агресивно не се пристапи во решавање на овој феномен, би имало катастрофални последици особено за земја како што е Албанија“.
„ Сега е време да се врати надежта и самодовербата дека во Албанија има сонце за сите, а не само за некои. Време е орлите да се вратат во своето гнездо“,
ја завршува објавата Мета.