Албанскиот претседател Илир Мета испрати порака во која и честита на Северна Македонија за одржувањето слободни избори.
Преку Фејсбук, Мета им честита и на албанските партии за високиот резултат во овој изборен процес и изразува надеж за заедничко продолжување на преговорите со ЕУ.
„Честитки до Северна Македонија за слободните, демократски и конкурентни избори! Многу честитки до албанските партии за високата застапеност во новиот парламент. Да ги здружиме напорите за да чекориме заедно за започнување на преговорите за членство во Европската унија“,
напиша Мета.

Албанските медиуми редовно информираат околу вчерашните вонредни парламентарни избори, што како исторски го оценуваат постигнатиот резултат на политичките партии на Албанците.
Во вестите тие се повикуваат на податоци објавени на Државната изборна комисија според кои албанските партии освоиле 32 пратенички мандати, иако ДИК се уште не излегла ниту со неофицијални резултати.
„Врз основа на податоците објавени од Државната изборна комисија, албанските политички партии ќе имаат 32 пратеника. Ова е историски настан бидејќи по првпат од 1991 година, откако се спроведуваат парламентарни избори во Северна Македонија, Албанците го достигнаа овој број“,
пишуваат албанските медиуми.