Оттаму додаваат дека сите параметри на преносната мрежа се во рамки на нормалата и до овој момент нема потреба од активирање на мерките кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)
Засега не постојат никакви ризици по стабилноста на преносната мрежа во државата. Електроенергетскиот систем е стабилен, сигурен и под 24-часовен мониторинг на регионалните текови на електрична енергија, од страна на Националниот диспечерски центар при АД МЕПСО, информираат од компанијата.
Оттаму додаваат дека сите параметри на преносната мрежа се во рамки на нормалата и до овој момент нема потреба од активирање на мерките кои ги одобри Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Според вчерашната Одлука на РКЕ, АД МЕПСО како оператор на електропреносниот систем може во периодот од 1 мај до 31 октомври да преземе привремени и строго контролирани мерки само доколку постои реална опасност по стабилноста на системот. Тоа вклучува можност за исклучување на производители на електрична енергија приклучени на преносната или дистрибутивната мрежа. На исклучените производители нема да им се пресметуваат отстапувањата, а повластените производители нема да бидат засегнати од ваквите мерки. Овие времени мерки се стандардни, превентивни мерки усогласени со ENTSO-E ( Европска мрежа на оператори на преносните системи на електрична енергија) и се применуваат во исклучителни ситуации, кога производството на електрична енергија од фотоволтаици е поголемо од потрошувачката, поради неопходноста од одржување на фреквенцијата на ЕЕС и регулирање на евентуалниот дебаланс“,
се наведува во соопштението на МЕПСО.
Од компанијата посочуваат дека остануваат посветени на безбедноста и сигурноста на електроенергетскиот систем, во интерес на сите потрошувачи и учесници на пазарот на електрична енергија.