По затворањето на сите локации во Украина пред шест месеци поради руската инвазија, „Мекдоналдс“ почна повторно да ги отвора своите ресторани во делови од земјата.
Потпретседателот за меѓународни пазари во „Мекдоналдс“, Пол Помрој, изјави дека компанијата одлучила да воспостави фазен план за повторно отворање на некои ресторани во Киев и западна Украина.
Синџирот за брза храна има речиси 110 ресторани во Украина, а компанијата продолжи да ги плаќа своите вработени во земјата и покрај затворањето.
„Во текот на следните неколку месеци ќе започнеме да работиме со добавувачите за да ги доставуваме потребните продукти во рестораните, да се подготвиме да им служиме на клиентите, да ги вратиме тимовите и вработените во рестораните и да имплементираме подобрени процедури и протоколи за поддршка на безбедноста на нашите луѓе и клиенти“,
рече Помрој и додаде дека одлуката е донесена по разговори со украински официјални лица, безбедносни експерти и добавувачи.
„Мекдоналдс“ беше една од неколкуте светски компании кои ја прекинаа работата во Украина поради конфликтот.
Од друга страна, пак, војната го поттикна „Мекдоналдс“ трајно да ги затвори своите ресторани во Русија и во март објави дека ги прекинува операциите во Русија, а во мај компанијата рече дека ќе ги продаде своите ресторани во земјата.
„Хуманитарната криза предизвикана од војната во Украина и ненадејно непредвидливо деловно опкружување го наведоа ‘Мекдоналдс’ да заклучи дека континуираната сопственост на бизнисот во Русија веќе не е одржлив или конзистентен со вредностите на ‘Мекдоналдс’“,
објавија тогаш од компанијата.
„Мекдоналдс“ продаде стотици локации во Русија на локален оператор, кој почна повторно да ги отвора под ново име „Вкусно и точка“.