Во последниот објавен извештај на УНЕСКО е наведено дека тие имаат учество од 53 отсто во вкупниот број истражувачи во државата
Северна Македонија е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи кои имаат учество од 53 отсто во вкупниот број на истражувачи во државата и тоа е потврдено во последниот објавен извештај на УНЕСКО. Сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓорѓиевска, по повод 11 февруари, Меѓународен ден на девојките и жените во науката, организира конференција на која учествуваа и повеќе други претставници од државата и од регионот.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири потенцира дека жените научнички заслужуваат посебна почит од општеството, особено од институциите на системот кои мора постојано да им овозможуваат што подобри услови и можности за работа и нивниот труд соодветно да биде вреднуван, како мотив за дополнителни заложби.
„Владата токму тоа и го прави. Само во изминатата календарска година преку јавни повици, околу 243 милиони денари буџетски средства беа доделени за да се поддржи реализацијата на научно – истражувачки проекти од посебен јавен интерес кои ги спроведуваат јавните научни установи, како и за подобрување на условите за работа во лабораториите на јавните високообразовни и научни установи“,
рече Шаќири.
Како стимулативна мерка за создавање нови научници тој ги посочи и стипендиите за втор и трети циклус на студии во државата – првите вратени по 10-тина години откако беа укинати, а вторите, тие за докторски студии се воведени за прв пат. Тој изрази уверување дека трендот на постојан раст на буџетот за наука ќе продолжи и во иднина.
Тој уверува дека Северна Македонија ќе продолжи и во иднина да учествува во глобалното одбележување на овој ден, затоа што оваа иницијатива на Обединетите нации ја сензибилира родовата еднаквост и ја истакнува подготвеноста на жените да дадат придонес кон научната дејност. Додаде дека неодамна државата ја поддржа и Љубљанската декларација за родова еднаквост во истражување и иновации.

Многу стереотипи, предрасуди и препреки
Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата, се осврна на историските успеси на жените во науката и истражувањето, посочувајќи ги Марија Склодовска Кири, Ирен Жолио Кири, Розалинд Френклин Сесилија Пејн-Гапочкин, Рејчл Карсон и нивниот придонес за развојот на науката, искоренување на болестите и подобрување на квалитетот на животот за милиони луѓе во светот.
„Притоа, тие не ги менувале само научните туку и општествените парадигми за местото и улогата на жените во образованието, истражувањето и науката. Многу од нив се соочувале со стереотипи, предрасуди и препреки. Тие го изоделе потешкиот дел од патот за наредните генерации жени да можат порамноправно да се вклучат во научната потрага по вистината. Сите ние сме денеска тука благодарение и на нивната непоколеблива верба во еднаквоста меѓу жените и мажите“,
истакна Ѓоргиевска.
Целта на овој меѓународен ден, потенцираше таа, е и да ги отстрануваме преостанатите пречки за поинклузивно вклучување на жените и девојките во науката. А тоа, додаде, е неопходно ако навистина сакаме да ја оствариме Агендата 2030 на Обединетите нации.
Ѓоргиевска ја поздрави улогата и ентузијазмот на „Мрежата на жени научнички“ и изрази уверување дека со заеднички ангажман од државата, академската и бизнис-заедницата, можеме да успееме и да ја мотивираме следната генерација на девојки да се посветат на науката и да го дадат најдоброто од себе за технолошкиот, економскиот и хуманиот развој на општеството.

Во рамки на настанот, во организација на „Мрежата на жените во науката“, се одржаа повеќе панел дискусии на кои учествуваа жени и девојки вклучени во научно-истражувачките процеси, како и претставници од јавни и државни институции.
